Достапни линкови

Пандов - Ако не судат праведно, ќе влеземе во судот


Александар Пандов од провладиното ГДОМ се закани дека народот ќе влезе во судовите ако судиите не судат праведно. Над илјада граѓани, како и десетина градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, во организација на ГДОМ, излегоа на протест пред Основниот суд Скопје 1 за, како што велат, да го охрабрат судот да суди според закон, а не според политички нарачки. Пандов рече дека судовите станале како Казабланка и оти странски претставници им вршат притисок на судиите да судат против претставници на власта. „Сега, како претставници на ГДОМ, ќе однесеме декларација со којашто им даваме поддршка на судиите и сакаме оттука да им порачаме дека овој пат ќе влеземе само неколку луѓе коишто ќе ја достават таа декларација. Треба да им биде јасно дека во идно време, многу пати повеќе од овие луѓе што сме собрани сега, ќе дојдеме и нема само неколку луѓе да влеземе во судот, туку сите луѓе ќе ги поканиме и да влеземе во судот, исто зашто ова е наш, македонски суд, да ни објаснат зошто под притисок и зошто носат некои одлуки, зошто прават подеднакво равенство меѓу докажани криминалци и луѓе кои немаат ама баш ништо криминално направено во животот“, рече Пандов. Претставниците на ГДОМ рекоа дека СЈО е неуставна институција која работи по политички нарачки. Неколку стотини граѓани ја блокираа улицата пред судот, но уште толку беа скриени под сенките на околните дрвја. Судот претходно му одреди домашен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот Транспортер на Специјалното јавно обвинителство.

XS
SM
MD
LG