Достапни линкови

Тетово претесно за сите возила


Зонското паркирање и враќањето на печалбарите во летниот период створија сообраќајен хаос во Тетово. Локалните власти пак немаат доволно пари за надминување на состојбата.

Наплаќањето на зонско паркирање на најголемите булевари и улици во Тетово доведе до нов проблем со кој се соочуваат дел од граѓаните, па така некои возачи се паркираат на други места каде тоа можат да го направат бесплатно, но воедно ги блокираат влезовите од гаражите и домовите на станарите. Просторот околу комплексот од шест згради наречен Чешел непосредно до плоштадот е едно од тие места каде станарите се соочуваат со отежнато движење и пеш и со возила.

„Со новото зонско паркирање луѓето избегнуваат да плаќаат паркирање. Изгледа очигледно е дека наједноставно им е да дојдат овде. Имаме проблеми ние што живееме тука, често пати и по цел ден не можеме да излеземе, пред гаражи се паркираат. Имам сознанија дека некои граѓани се имаат пожалено кај надлежни органи меѓутоа ситуацијата се уште е иста ништо не е сменето“, вели Живоин Ристовски, жител на комплексот Чешел.

Летниот период е време кога во Тетово се очекува уште поголем сообраќаен метеж, бидејќи печалбарите се враќаат во родниот крај каде поминуваат голем дел од летните одмори. Тие доаѓаат со свои возила, па така се очекува зголемување на бројот на автомобили и воопшто фреквенцијата на движење што со години наназад претставува проблем за нормалното одвивање на секојдневието во Тетово. Нови паркинзи и пробивање на неколку булевари се решенијата за надминување на состојбата, сметаат анкетираните жители на градот.

„Штом нема паркинг ќе биде хаос нон-стоп. Без паркинг каде?“

„Гледате сами. Гужва голема, пат нема, паркин плац нема.“

„Каде е парнинг плацот? Еве јас сега, три пати се вртев едвај тука ја паркирав колата“, истакнуваат анкетираните тетовци.

Во општинските служби велат дека се зависи од финансиските можности, за кои тврдат дека се лимитирани. Се прават и парцијални обиди да се надмине проблемот - токму месецов почна изградба на мал паркинг во центарот на Тетово.

„Тој паркинг ќе биде затворен паркинг. И ќе го менаџира претријатието за паркинзи. Бројот на возилата што ќе можат тука да се паркираат ќе се движи од 75 до 80 возила. Се надевам дека за месец, месец и половина ќе завршиме тука со работите“, изјави Хусеин Демири, од секторот за сообраќај при Општина Тетово.

Минатата година во текот на летото дел од училишните дворови беа привремени паркинг зони поради зголемување на бројот на возила. Сега нема одговор од општината дали ќе се направи истото.

XS
SM
MD
LG