Достапни линкови

Едни го бранат, други го напаѓаат Талески


Од ептен невин до ептен криминалец се движат коментарите за битолскиот градоначалник Владимир Талески кој е во домашен притвор. Додека неговите сопартијци го бранат, опозицијата и дел од битолчани бараат тој да си поднесе оставка.

Владимир Талески е политичка жртва. Иако му е изречен куќен притвор, здравствено се чувствува одлично. Судиите потклекнаа на притисоците од СДСМ, а на Македонија и се заканува сценариото од царска Русија. Ова е само дел од изјавите што деновиве можеа да се слушнат на прес конференциите и собирите на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на битолскиот градоначалник. Откако минатата недела Кривичниот суд му изрече мерка куќен притвор за случајот „Транспортер“, битолчани се поделија на две групи, една „за“, а другата против Талески.

Во првата група се неговите сопартијци кои не штедеа зборови да го одбранат. Наспроти СЈО кое го осомничи дека организирал школски превоз поскап од реалните цени, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски изјави дека Талески е политичка жртва.

„На бескруполозен, несрамен и јавен притисок на социјалдемократскиот сојуз судиите потклекнаа и донесоа одлука која не е базирана на закони и факти и нема никаква врска со реалната состојба, со почитување на правото. Талески е жртва на класична судско-политичка манипулација со јавноста“, рече Илиоски.

Собир за поддршка на Талески.

Собир за поддршка на Талески.

Тој додаде дека комуницира со Талески и дека колку што може да види се чувствува одлично.

„Ние сме во постојан контакт со градоначалникот, се имаме видено, го имаме посетено, нон-стоп сме на телефони , се слушаме за сите проблеми партиски и општински комуникацијата не е прекината.“

Како се чувствува здравствено?

„Колку што можам да видам и да слушнам - одлично“, одговори Илиоски.

Во одбрана застана и градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, кој за колегата од Битола рече дека е невин.

„Си има закони по кои секој ќе одговара. Конкретно за Талески како еден чесен и искрен градоначалник, добар соработник, мислам дека ова нема долго да трае, тој ќе биде ослободен од сите оптужби и ќе почни чесно и искрено да си ја работи работата“, рече Котевски.

На собирите за поддршка на Талески, вербално се напаѓаше работата на СЈО како политички монтирана, а можеа да се слушнат и сомнежи дека на Македонија и се случуваа сценарио како на царска Русија.

„Што бараме да ја ничкосаме оваа држава? Да ја имитираме царска Русија кога беше најдобра во сопствената моќ, таа тогаш падна. Некој се обидува да ни направи нешто слично“, изјави Цветан Стојановски, уметник и поддржувач на Талески.

Од СДСМ, пак, секојдневно бараат Талески да си поднесе оставка.

„Доаѓа време кога сите што се огрешиле пред законот ќе одговараат. Човекот кого ВМРО-ДПМНЕ го претстави како најчесен, највреден, кого три пати го кандидираше за градоначалник, се сомничи за криминал за најскап превоз на ученици во светот. Се покажа дека објавениот разговора каде Зоран Ставрески вели за Талески дека е криминалец не е ни сечен, ни лепен, ни монтиран. Останува истрагата да ги даде сите одговори, меѓу кои и каде завршија 360. 000 евра за кои се сомничи Талески“, вели портпаролот Борче Корлевски.

Тој додава дека партијата на власт не се дистанцира од криминалот на Талески.

„ВМРО-ДПМНЕ наместо да се огради уште еднаш се стави во одбрана на луѓето осомничени за криминал“, рече Корлевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG