Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Притворот на Талески е притисок на СДСМ врз судиите


Одлуката за притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески е резултат на притисокот на СДСМ врз судиите, бидејќи тука не станува збор за правда базирана на какви било докази, туку за класичен политички линч, изјави денеска Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Зоран Заев, кој е аболициран за криминал тежок 8 милиони евра, нарачува политички прогон на градоначалници и функциoнери на ВМРО-ДПМНЕ, а Катица Јанева постојано ги следи неговите наредби и мора да биде негов послушник за да ја оправда платата од 3.000 евра.

„Катица Јанева и судиите кои подлегнаа на притисокот од страна на СДСМ се должни да и објаснат на јавноста како е можно да се бара и да се изрече мерка куќен притвор за градоначалникот Владимир Талевски, а да нема таква мерка за градоначалникот на Струмица кој целата јавност го виде како бара поткуп од едно евро за него и едно евро за Вицето. Како е можно Владимир Талевски, кој редовно се јавуваше на сите судски покани, да биде во куќен притвор, а Зоран Заев, кој јавно изјавуваше дека за него не постојат македонските судови и дека нема намера да се одзива на поканите, да биде на слобода? Како е можно Владимир Талевски, кој никогаш не сторил никакво кривично дело, да биде во притвор, а Зоран Заев, кој неколку пати го повторува криминалот и веќе еднаш е аболициран, да биде недопирлив за Катица Јанева и уценетите судии“, праша Коневски.

СДСМ денеска преку соопштение оцени дека ВМРО-ДПМНЕ со прес-конференцијата на Ивица Коневски се обиделa да го брани градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

„Правдата во Македонија полека но сигурно излегува на виделина. Доаѓа времете кога сите што се огрешиле пред законот ќе одговараат. Тоа важи и за Владимир Талески кој треба веднаш да поднесе оставка. Правдата ќе се врати. Одговорност ќе има. Секој што го прекршил законот ќе одговара, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Општинскиот одбор на СДСМ од Битола денеска на прес-конференција го повика градоначалникот на Битола, Владимир Талевски во најкус можен рок да си поднесе оставка.

XS
SM
MD
LG