Достапни линкови

Бренан: ИД милитанти во западните земји


Директорот на ЦИА Џон Бренан изјави дека групата Исламска држава се обидува да разместува борци во западните земји. Неговото сведочење пред сенатскиот Комитет за разузнавање дојде на само неколку денови откако симпатизаер на ИД уби 49 луѓе во еден геј клуб во Орландо, Флорида.

Џон Бренан, оценувајќи дека Соединетите држави и нивните сојузници имаат напредок против милитантите на Исламската држава изјави дека очекува групата да ја промени својата тактика за да го надомести губењето територии во Сирија и Ирак.

„За да ги компензира територијални загуби, Исламската држава веројатно повеќе ќе се потпира врз герилски тактики, вклучувајќи напади од висок профил надвор од територијата што ја држи“, рече Бренан.

Тој наведе дека постојат десетици илјади борци на Исламската држава во целиот свет, што еповеќе од оние што ги имаше терористичката мрежа Ал Каеда кога беше на нејзиниот врв.

ЦИА е загрижена за зголемувањето на моќта на ИД во Либија која може да послужи, како што рече, за база на милитантите да извршуваат напади во Европа.

„Сметаме дека оваа група тренира и се обидува да распореди оперативци за натамошни напади“, наведе тој, прецизирајќи дека најверојатно Исламската држава се обидува да шверцува борци во западните земји преку мигрантите и преку легален пат.

Тој додаде дека Исламската држава ги повикува нејзините приврзаници да почнат да вршат напади во земјите каде што живеат.

„Овие таканаречени осамени волци, кои се поттикнати од овие терористички организации, се исклучителен проблем за разузнавачките агенции“, изјави Бренан, наведувајќи дека ЦИА не нашла врска меѓу убиецот во Орландо и странски терористички организации.

Тој масакрот во Орландо го оцени како „гнасен чин на свирепо насилство“ и како „напад врз вредностите на толерантно и отворено општество“.

Според него, екстремистичката Исламска држава работи на создавање систем на управување со нападите во западните земји, како што беа неодамнешните во Париз и Брисел за кои ЦИА верува дека биле извршени по налог на Исламската држава.

Во сведочењето пред сенатскиот Комитет Бренан изјави дека САД и сојузниците работат и на спротивставување на „експанзивната пропагандна машинерија“ на Исламската држава.

Според него, таа главно ги користела социјалните мрежи како например Твитер и оти се потпира врз глобалната мрежа на симпатизери во ширењето на своите пораки.

Бренан исто така оцени дека постигнатиот значаен напредок во борбата против милитантите на ИД во Ирак и Сирија ја направи тешко остравлива нивната визија за воспоставување калифат.

Тој додаде дека иако бил намален капацитетот за финансирање на ИД, оваа група и натаму остварувала месечен прилив од неколку десетици милиони долари, главно од даноци и од продажба на сурова нафта.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG