Достапни линкови

logo-print

Политичарите воздржани во однос на ЛГБТИ заедницата


Политичката злоупотреба на ЛГБТ-прашањето, како и непостапувањето на институциите во случаи на насилство кон активисти од оваа заедница ја мобилизираат хомофобијата и ги втурнува овие луѓе во група на граѓани од втор ред, сметаат и аналитичарите и припадниците на ЛГБТИ-заедницата. Дополнително политичките партии ја потикнуваат стигматизацијата на активистите од ЛГБТ заедницата.

Политичката злоупотреба на ЛГБТ-прашањето, влијанието на верските заедници и бавното темпо на модернизација на општеството, ја мобилизираат хомофобијата и ги втурнува овие луѓе во група на граѓани од втор ред, сметаат и експертите и припадниците на ЛГБТИ-заедницата.

Политичките партии од албанскиот блок се уште го третираат ова прашање како македонско прашање односно како прашање на македонската заедница, со тоа покажувајќи висока хомофобија, непризнавајќи дека во нивната етничка заедница исто така има ЛГБТИ луѓе

Дополнително политичките партии долеваат оган со хомофобичен говор потикнувајќи а со тоа и легитимирајќи го насилството и стигматизацијата на активистите од ЛГБТ заедницата. Програмскиот директор на ЛГБТ Центарот за подршка Кочо Андоновски вели дека има разлика меѓу политичарите во начинот на кој тие се однесуваат кон прашањето а и кон проблемите на припадниците на ЛГБТ заедницата. Разликата најмногу се чуствува по етничка линија.

„ Политичките партии од албанскиот блок се уште го третираат ова прашање како македонско прашање односно како прашање на македонската заедница, со тоа покажувајќи висока хомофобија, непризнавајќи дека во нивната етничка заедница исто така има ЛГБТИ луѓе“ вели Андоновски во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.

Тој додава дека токму луѓето кои се дел од ЛГБТИ заедницата а се припадници на малцинските етнички групи се поранливи затоа што доживуваат повеќе кратна дискриминација и маргинализација. Од друга страна пак политичките партии од македонскиот блок се делат по две линии, едната е за партиите од центарот кон лево каде што признаваат дека во оваа заедница има проблеми и дека во нив гледаат партнери со кои може да отпочнат разговори за решавање на дел од проблемите. Една од причините за тоа е што и тие партии почуствуваа на своја кожа што значи никој да не те признава и да те омаловажува секој ден, вели Андоновски.

„А другиот дел од политичките партии оние од центарот кон десно пак одат во сосема друга линија. Тие ја демонизираат ЛГБТИ заедницата како предавничка заедница, како квислинзи, како некои кои се тука да го растурат здравото национлано ткиво на Македонците кое е апсурд и кое е глупост, кое е само за дневно политички потреби и е од многу краток рок на упротреба,“ вели тој.

Андоновски очекува и во таа група на партии да дојде до промена како што се случи и во целата десница и во Европа и во САД и исполнување на барањата за почитување на човековите права.

Социологот Илија Ацески смета дека нема голема разлика во односот на политичките партии кон проблемите на ЛГБТ заедницата затоа што тие многу внимаваат каков став ќе заземат по тоа прашање.

„Затоа што тие знаат дека македонското општество е традиционално и дека секој став кој оди во некоја насока на некакво ублажување на тој ригорозен став, доста ќе се одрази на нивниот имиџ. А тоа важи за речиси сите партии во Република Македонија, кај некои тоа е поизразено, кај некои пак е во поблага форма а за албанските партии пак да не зборуваме. “ вели Ацески.

Катерина Колозова, професор по родови студии, вели дека политичарите имаат реторика која е воздржана и која треба да ги претстави како навидум прилагодени на основните европски вредности при што се воздржуваат од слободумни и поддржувачки ставови.

„ На хартија во нивните програмски документи ја имаат оваа воздржаност, во реториката демохристијаните се поисклучувачки настроени, кај социјалдемократите видовме поголема отвореност што е нормално за левичарска партија и единствена партија која во својата платформа ги постави како приоритет родовите права и правата на сексуална ориентација е Левица.“ вели Колозова.

Последиците од таквото однесување на партиите е натамошна дискриминација и создавање на стереотипи објаснува професорот Ацески.

Политичарите во Македонија за разлика од нивните колеги во светот, ретко изразуваат загриженост или осуда за нападите врз активистите од ЛГБТИ заедицата. Проблемот е што со говорот на омраза во мас медиумите, молкот на политичарите и непостапувањето на институциите во Македонија се потикнува насилство кон оваа ранлива група на луѓе, велат социолозите.

XS
SM
MD
LG