Достапни линкови

Формула еден и двете лица на Азербејџан


Главниот град на Азербејџан, Баку, во престојниот викенд, за прв пат е домаќин на трка во Формула еден. За многумина Aзербејџанци ова е уште едно непотребно трошење огромни суми пари, а за некои од нив и можност за мал профит.

Вахид Велиев, жител на Баку, планира да заработи. Го издава балконот на својот стан од кој може да се следи трката на Формула еден, која ќе се вози низ улиците на Баку. Бара 200 долари дневно, со можност за попуст доколку биде изнајмен за трите дена, тренинзите, квалификациите и главната трка.

„Во цената се вклучени и пијалоци и слатки за гостите“, вели Валиев, кој ја послуша препораката на владата која им препорача на жителите на Баку да ги издаваат балконите во деновите на трката.

Тоа е само еден од начините за екстра приход на некои од жителите на Баку. Азербејџанската економија е забавена, главно поради ниската цена на нафтата на светските берзи. Инфлацијата е двоцифрена, а националната валута во минатата година девалвираше два пати.

Трката во Формула еден е проблем за многумина во Баку.

Малкумина од нив ќе можат да ја следат бидејки цените на билетите се движат од 100 до 665 долари, а тоа може да си го дозволи само елитата. Просечната плата во Азербејџан е околу 300 долари.

Но, цената на билетите не е единствениот проблем. Критичарите посочуваат на огромната сума која ја плаќа Азербејџан за правата да биде домаќин на трка во Формула еден. Точната сума не е позната.

Цената за лиценцата е околу 150 милиони долари, а Баку потроши и над 90 милиони долари за подготовка на инфраструктурата, со што вкупниот трошок е околу 240 милиони долари

Министерот за млади и спорт Азад Рахимов, во минатата година изјави дека ќе бидат платени меѓу 66 и 86 милиони долари. Но, други извори наведуваат дека цената за лиценцата е околу 150 милиони долари, а Баку потроши и над 90 милиони долари за подготовка на инфраструктурата, со што вкупниот трошок е околу 240 милиони долари.

Властите сакаат да прават спектакли, па за таа цел наредија и средните училишта и факултетите да ги одржат завршните испити порани, а не како што е секоја година, меѓу 15-ти и 20-ти јуни. Исто така, властите во Баку, и покрај тоа што некои улици во стариот дела на градот се историски, ги покрија со асфалт за постигнување големи брзини, според потребите на болидите. Некои стари фасади на згради се покриени со големи билборди, со цел да се прикаже поубава реалност.

Како се троши буџетот во Азербејџан
Како се троши буџетот во Азербејџан

Што со човековите права?

Јавното мислење во врска со трката во Формула еден, воопшто не се зема предвид во Азербејџан, каде што владата на претседателот Илхам Алиев ги замолчува сите критичари.

Трката во Формула еден е само една од повеќето големи манифестации кои ги организира Азербејџан со кои сака да се промовира како напредна земја. Организациите за човекови права, бараат од шефот на Формула еден, Берни Еклстон јавно да заземе став за кршењето на човеовите права во Аербејџан. Организацијата „Спорт и права“ имаше и средба со претставници на Еклстон, но од него молк. Оваа организација побара и од музичките ѕвезди Хулио Инглезијас, Крис Браун и Фарел Вилијамс, да го откажат нивниот настап, предвиден во Баку за време на трката.

​И Амнести интернешнел ги повика организаторите на трката во Формула еден да побараат од Баку подобрување на човековите права во земјата.

Новинарката на Радио Слободна Европа Кадиџа Исмаилова, која пишуваше за корупција на семејството на претседателот Алиев, беше осудена и држена во затвор, а по големите меѓународни реакции, беше ослободена. Уште неколку други новинари и опозиционери беа ослободени во изминатиот период, но многумина уште се во затвор. Според Фридом Хаус, во Азербејџан има над 80 политички затвореници.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG