Достапни линкови

Весниците за оставката на Ставрески и преговорите


Дневниот печат секој од свој агол известува за оставката на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Пишуваат и за евентуално одржување на лидерска средба, како и за протестите и преговорите.

Вест на денот во сите електронски и печатени медиуми во изминатите денови беше оставката на министерот за финансии Зоран Ставрески, поради здравствени причини, како што образложи во писмениот допис до премиерот Димитриевски.

Слободен печат оставката ја проследи со текст со наслов: „Наместо со еврообврзница, се прослави со чоколадото – Што остави зад себе министерот Зоран Ставрески‟, а Вечер: „Ставрески светла точка на македонската економија‟ и дека „За време на министерувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата‟.

Наместо со еврообврзница, се прослави со чоколадото – Што остави зад себе министерот Зоран Ставрески.

По веста за оставката, Утрински објави текст насловен со: „Зоран Ставрески – битка меѓу професионалноста и лојалноста – добриот познавач на економската наука мораше да менаџира со милијарди евра народни пари за да исполни големи желби и проекти‟. Утрински потсетува дека за „13 месеци Владата остана без 11 министри, плус Груевски‟.

Втора актуелна тема во печатените медиуми е лидерската средба што се подготвува под притисок на Брисел и Вашингтон. Да се каже вистината, секоја редакција ја третира според „своите‟ информации од „свои‟ извори. Утрински еднаш ќе наслови: „Тешко до лидерска, а уште потешко до договор‟, а во друго издание: „Се отвора патот за лидерска средба‟. Трет наслов во Утрински гласи: „На лидерска средба ќе се решава судбината на изборите‟.

За Вечер протестите се веќе пропаднати, па насловува: „Преговорите продолжуваат – СДСМ бара излез по пропаѓањето на протестите‟ и „Шекеринска и Тодоров спремаат терен за Груевски и Заев?‟ Дневник излезе со наслов: „Преговорите мрднаа од мртва точка – Партиите пред договор за Избирачкиот список‟, а Слободен печат најконкретен: „Преговорите напредуваат, Избирачкиот список ќе се сведе на 1,5 милиони гласачи, владата ќе биде пржинска‟.

Инаку, продолжуваат опструкциите од страна на Кривичниот суд на барањата на СЈО. „Кривичниот суд го отфрли предлогот за притвор на Горан Грујевски – СЈО ги товари двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни дека во март лани ги пречекориле службените овластувања со тоа што организирале и спровеле уништување на два система за следење на комуникациите‟ - информира Утрински.

И Градот Скопје еднаш во заштита на зеленилото. Вештаците од Бирото за судски вештачења, по барање на Градот Скопје го испитуваа случајот со сечење шума на Водно при што констатирале дека се вршени незаконски активности во заштитеното подрачје при што е направена штета од 14.000 евра. Била поднесена кривична пријава против физичко лице, но неговото име не се објавува. Белки случајот нема да се заташка, па и ова да си помине онака како многу случаи досега.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG