Достапни линкови

Продолжи судењето за кумановско „Диво Насеље“


Процесот за случајот „Диво Насеље“ кој се спои и со предметот „Молња“ продолжи денеска со читање на исказите на сведоците кои беа сослушани на главната расправа. Еден од обвинетите се пожали дека бил малтретиран за време на транспортот до судот.

На денешното рочиште за случајот Диво Насеље се читаа исказите на сведоците кои ги дадоа за време на главната расправа. Судечкиот судија, Верка Петковска рече дека нема потреба повторно да се сослушуваат сведоците, туку доволно е да се прочитаат нивните искази. На почетокот на рочиштето еден од обвинетите се пожали на некоректниот однос на специјалните сили додека бил транспортиран од затворот во судот.

„Сакам да се пожалам дека ме малтретираа при транспортот од затворот. Ме клоцаа и ме удираа и шест пати рацете ми ги ставија позади“, рече тој.

На што Петковска одговори дека ќе се јави кај директорот на затворот. Уште еден од обвинетите сакаше да се пожали, при што судијката му рече дека тоа може да го направи на крајот на рочиштето. Судот одлучуваше и по предлогот на двајца од обвинетите, Мусадик Пајазити и Рахми Љатифи поднесен преку нивниот адвокат Артене Адеми за укинување на мерката притвор или замена на истата со друга. Предлогот судијката Петковска го отфрли како неоснован, бидејќи како што рече се уште постоеле причини кои произлегуваат од Законот за кривична постапка по кои притворот за обвинетите е продолжен.

Сакам да се пожалам дека ме малтретираа при транспортот од затворот. Ме клоцаа и ме удираа и шест пати рацете ми ги ставија позади.

Од судот брифираа и дека доколку на денешното рочиште успеат да ги прочитаат сите искази на сведоците, на следното рочиште кое ќе биде затворено ќе бидат сослушани заштитените сведоци. За време на изминатите рочишта Славко Кировски, роднина на загинатиот полицаец Живко Кузмановски рече дека и тој не е сигурен во тврдењето на обвинителството дека станува збор за тероризам.

„Ме прашувате за тероризам, каде загина зетот мој, нема тероризам, само платено убиство за пари“, вели Кировски.

Судењето за случувањата во кумановското „Диво Насеље“ од 9 и 10 мај во неколку наврати беше одложувано, а продолжи на 6 во овој месец. Сите 37 обвинети, од кои 29 за вооружениот напад и осуммина за нивна логистичка поддршка, пред Судот не ги признаа делата за кои се товарат- терористичко организирање и тероризам. Судот донесе и одлука со овој предмет да ја спои постапката за случајот „Молња“, во кој се обвинети 8 лица за помагање на вооружената група.


  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG