Достапни линкови

Политичка димензија на уставноста на СЈО


Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Обвинителките Ленче Ристoска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи.

Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Обвинителките Ленче Ристoска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи.

Уставноста на СЈО има силна правна и политичка димензија и основаност, вели професор Шкариќ. Сепак, поранешниот уставен судија Положани не би бил изненаден и ако Уставниот Суд ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на законот.

Уставноста на законот на Специјалното Јавно Обвинителство се темели врз цврсти и неоспорни правни и политички димензии и затоа оваа институција е суштествена вредност на уставниот поредок и фактор кој има задача да го идентификува криминалот, дециден е универзитетскиот професор, Светомир Шкариќ.

Политичка димензија

Тој посочува дека авторите на Пржинскиот договор воделе сметка за уставноста на ова обвинителство, истакнувајќи дека тоа се гледа и од законот што го усвои Собранието со консензус на сите партии. Професорот Шкариќ, вели дека радуваа фактот, но и дека е ретка појава што зад СЈО стојат две партии од македонскиот и две партии од албанскиот блок, што значи дека има и меѓуетнички консензус.

„Втора политичка димензија на законот за СЈО е фактот што законот е изгласан со 111 гласови во Собрнието на РМ. Тоа е поголемо мнозинство на гласови од мнозинството со кои се донесени и Уставот на Република Македонија како интегрален текст од 1991 година и сите уставни амандмани што се донесени во периодот од 1992 до 2011 година. Според тоа, СЈО е израз на суверенитетот на граѓаните на РМ изразен прекупретставниците, преку пратеницитекако негови претставници во Собарнието на РМ„, вели Шкариќ.

Правна основа

Правниот аргумнет за уставноста на законот за СЈО е што специјалниот обвинител заедно со неговиот тим се избрани од Советот на Јавни Обвинители, вели Шкариќ, дополнувајќи дека овој орган ги избира и останатите двесте обвинители на Државното обвинителство. Исто така, голем правен аргумент во прилог на уставноста на СЈО е и неговата двојна одговорност пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието. Шкариќ објаснува дека тоа е многу посилна одговорност за разлика од Јавните Обвинители кој одговараат само пред нивниот совет.

"Уставниот Суд во овој случај има голема шанса да го покаже вистинското лице, посебно да се види дали стои на страната на правото или на страната на владеачката политика„

„Подготвен сум овие димензии на Уставноста на законот за СЈО пошироко да ги образложам на јавна расправадоколку таква расправа организира Уставниот суд на РМ. А таква расправа треба да организира, нека се чујат правните аргументи за и против и да не се брза во постапката Иако постои силен притисок постапката што побзро да се спроведе и да заврши.Според тоа, Уставниот Суд во овој случај има голема шанса да го покаже вистинското лице, посебно да се види дали стои на страната на правото или на страната на владеачката политика„ додава Шкариќ.

Значењето на СЈО

Шкариќ нагласува дека суштината на битката околу уставноста на СЈО има и цивилизациско значење од чии исход зависи дали ќе се продолжи борбата против криминалот или таа ќе биде запрена.Но иако СЈО беше формирано од сите четири партии, постојано го следат опструкции, а последната беше со аболициите на Иванов кои беа повлечени под силен притисок. Поранешниот уставен судија Бајрам Положани, вели дека не би бил изненаден Уставниот суд да ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на законот и да се направат интервенции со цел СЈО да се стави под контрола на институциите кои се под капата на власта.

„Со опструкции се релативизираше основањето на СЈО после екипирањето, а кога почна да работи преку аболициите на Иванов итн кога тоа се покажа како неуспешно значи не остана друго средство за компромитирање повторно преку Уставен Суд, евентуално да се укине законот за да може со измени на законот да се стави ова обвинителство под капата на државното обвинителство.

Клучното барање на Шарената револуција е Уставниот суд да се произнесе за уставноста на законот за СЈО, за да може тимот на Катица Јанева слободно и независно да продолжи со истрагите поврзани со таканаречените бомби кои открија криминал кај високи политички функционери. Инаку, наскоро истекува рокот кој го испорача Шарената револуција до Уставниот суд за уставноста на СЈО.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG