Достапни линкови

Преговори, ултиматуми, политички игри!


Неделава е можнa лидерска средба. Oтворено е прашањето за седницата на Уставниот суд за Специјалното јавно обвинителство. В сабота истекува и ултиматумот на Шарената револуција и опозицијата. Аналитичарите очекуваат одблокирање на процесот.

Македонија влегува во неделата во која, според некои информации, треба да се одржи лидерска средба, а и прашањето за тоа кога иницијативата за Специјалното јавно обвинителство ќе се најде на Уставен суд останува отворено.

Уште шест дена остануваат до рокот на Шарената револуција и опозицијата. До сабота тие поставија ултиматум- Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО и да престане, како што велат, прогонот на демонстрантите.

Лидерската средба ќе се случи кога ќе има некакво приближување во преговорите кои се водат посредно меѓу странските претставници и партиите, смета аналитичарот Алберт Муслиу. Според него времето е ограничено и оваа недела ќе има некаков исчекор во таа насока. Темите за кои ќе разговараат лидерите нема да бидат само новиот формат на Владата или одредувањето на датумот за избори, вели Муслиу, туку и некои други прашања кои се јавуваа во процесот на имплементација на пржинскиот договор.

„Мислам дека тука и се најголемите потешкотии во одблокирањето на процесот, тука мислам секако и на работата на Специјалното јавно обвинителство “ вели Муслиу.

Според професорот Денко Малески тешко е да се прецизира што ќе се случува неделава. Во демократска земја уште по објавувањето на снимките од прислушуваните разговори инволвираните ќе си поднесеа оставки сами, ќе го отвореа патот на правдата, а партијата ќе останеше да функционира со нови лица смета тој. Бидејќи има луѓе од власта кои се лично засегнати, работите не зависат од парламентарните групи или притисокот од јавноста, туку од притисокот од надвор, додава Малески.

Целиот наш политички систем функционира на туркање цело време и како некоја стара распипана кола, цело време постојано некој однадвор треба да не потурнува за да тргнеме во вистинската насока

„Целиот наш политички систем функционира на туркање цело време и како некоја стара распипана кола, цело време постојано некој однадвор треба да не потурнува за да тргнеме во вистинската насока “ вели Малески

И на оваа лидерска средба што се очекува деновиве работат странските амбасадори кои го подготвуваат теренот. Засега јавно на нејзиното итно одржување инсистира само претседателот на СДСМ Зоран Заев. До ваквата негова позиција дојде откако поради аболицијата тие прво во април ја одбија средбата во Виена во организација на еврокомесарот Јоханес Хан. Откако претседателот Иванов целосно ја повлече, опозицијата сега бара да разговараат , но од ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснуваат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG