Достапни линкови

Повратници во родниот град започнале бизнис


Валентина Новаковиќ

Валентина Новаковиќ

Семејството Новаковиќ, по две децении живеење во Србија, се вратило во родното Куманово за да започнат сопствен бизнис.

Во времето кога од Куманово сè повеќе млади, а и повозрасни граѓани заминуваат преку граница во потрага по подобар живот, семејството Новаковиќ е едно од ретките кое по две децении живеење во Србија се вратило во родниот град. Така, 50-годишната Валентина со 28-годишната снаа Јелена пред една година започнала сопствен бизнис, а синот Младен по завршени студии се вработил во приватна фирма во Куманово.

И во Србија се занимававме со овој бизнис, но сфативме дека овде ќе можеме подобро да работиме, можеби затоа што сме во родниот град. Се вративме како никогаш да не сме ни отишле. Сите години ја негувавме таа желба која ете ни се оствари, иако бевме само на 50-ина до сто километри оддалечени.

За ова семејство кое има свои длабоки корени во Куманово можеби и не е чудно што се вратило во родниот град, но невообичаено е што Јелена, која е од Србија, посакала да живее токму тука. Двете жени, снаа и свекрва, произведуваат слатки, торти, кифли и леб, а бизнисот го почнале со финансиска помош од Агенцијата за вработување.

„Се пријавив на конкурсот, по неколку предавања и изготвување бизнис-план, ми доделија три илјади евра, а подоцна ми доделија уште 92 илјади денари, за да вработам уште еден работник“, раскажува Валентина и додава дека засега производството го продаваат по нарачки на клиентите, но со текот на времето планираат да го зголемат обемот и нивните слатки да ги пласираат и по трговски дуќани и маркети.

Иако Валентина работела како административен работник, со ова производство започнала уште кога живеела во Србија. Овој вид кулинарство на двете жени им е задоволство, зашто нивниот талент за креативност и умешност ги исполнува и како што велат, засега добро им оди.

За враќањето во Куманово, Валентина вели дека тука гледаат поголема перспектива, особено што имаат семејна куќа, бројни роднини и пријатели.

„И во Србија се занимававме со овој бизнис, но сфативме дека овде ќе можеме подобро да работиме, можеби затоа што сме во родниот град. Се вративме како никогаш да не сме ни отишле. Сите години ја негувавме таа желба која ете ни се оствари, иако бевме само на 50-ина до сто километри оддалечени“, вели таа.

Невообичаено е што синот на Валентина сакал да си дојде во родниот град.

„Додека сопругот работеше моравме да бидеме таму, кога тој се пензионира, а синот и ќерката завршија образование, немаше никаква дилема за враќање“, вели таа.

За бизнисот, Валентина појаснува дека тие средства од Агенцијата не се доволни за некој кој нема никаква основа, за нив се финансиска инјекција затоа што имале објект за да се развива оваа занаетчиска дејност.

„Средствата ги искористив за реновирање и адаптирање на постоечкиот објект. За тоа ми беа доволни, а за некој кој нема база малку сè“, вели таа.

Снаата Јелена е задоволна од новиот живот во Куманово и освен љубовта кон сопругот Младен, таа вели дека во градот се вљубила на прв поглед. Веќе има и свои пријатели тука, така што не и паѓа на ум да се враќа во Србија или, пак, да сонува да замине некаде подалеку од Македонија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG