Достапни линкови

logo-print

Средба на Столтенберг и Тачи во Брисел


Безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и политичката ситуација во Косово биле главните теми во разговорот меѓу генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и косовскиот претседател Хашим Тачи, во седиштето на Алијансата во Брисел, информира денеска НАТО.

Во текот на вчерашната средба Столтенберг истакнал дека КФОР ќе ја продолжи својата мисија за зачувување на безбедноста и безбедното опкружување во Косово и на гарантирање на слободата на движење се додека тоа биде потребно, во согласност со мандатот на ОН, се наведува во соопштението.

Генералниот секретар на НАТО подвлекол дека какво било намалување на бројот на припадници на силите на НАТО во Косово ќе се темели на подобрувањето на условите на теренот.

Осврнувајќи се на политичката состојба во Косово, Столтенберг ја поздрави, како што кажа, се поголемата политичка зрелост и одговорност на институциите во Приштина, но го повтори значењето на натамошните политички реформи и дијалогот со Белград за нормализација на односите, се додава во соопштението.

Столтенберг и Тачи, исто така, разговарале и за напорите на локалните власти во сузбивањето на опасноста од тероризам и странски борци и ја потврдиле заинтересираноста за натамошен развој на односите меѓу НАТО и Косово, заклучува НАТО во соопштението.

XS
SM
MD
LG