Достапни линкови

Апликација за тревога на ЕП во фудбал


Франција пушти во употреба апликација преку која корисниците ќе бидат предупредувани за можни напади и инциденти. Наменета е, пред се, за посетителите на Европското првенство во фудбал.

Франција е во состојба на готовност уште од терористичките напади врз Париз, во ноември, минатата година. Апликацијата, изготвена од француското Министерство за внатрешни работи, со кратенка SAIP, вклучува знак за тревога на екранот на мобилниот телефон, доколку се случи евентуален напад во близина на корисникот на телефонот, или пак доколку има опасност од некаков напад или инцидент.

Првите импресии на социјалните мрежи, од функционирањето на апликацијата, се различни.

„Работите се подобруваат? Креирањето на SAIP остава впечаток дека и не е баш така безбедно“, напиша еден корисник на Твитер, алудирајќи на ставот на францускиот претседател Франсоа Оланд дека животот во Франција се подобрува.

„Не е многу уверлива, но е корисна“, напиша друг корисник на Твитер.

Апликацијата, која е бесплатна за симнување од Епл и Гугл,беше тестирана во вторникот за време на безбедносната вежба во фан зоната во Лион.

„Испративме предупредување само неколку минути по вежбата, полицијата беше известена, беше алармиран координативниот и мониторинг центарот. Знакот за тревога се појави на апликацијата на мобилните телефони за помалку од 5 минути по првото јавување. Значи, работи брзо“, изјави регионалниот перфект Мишел Делпуе.

Велика Британија неделава ги предупреди британските навивачи кои ќе патуваат во Франција, дека стадионите, фан зоните и транспортот се потенцијални цели на терористички напади. Слично предупредување веќе издадоа и Соединетите држави, но и француската разузнавачка служба.

Апликацијата за тревога ќе се користи за време на Европското првенство во фудбал, ќе се унапредува и доколку се покаже како функционална, ќе биде употребувана и за време на други крупни настани.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG