Достапни линкови

Петто издание на фестивалот „Скопје Креатива“


Под мотото „Поврзи ме со креативност“, со учество на реномирани европски и домашни уметници, креативци и професионалци, од 9 до 11 јуни, ќе се одржи петтото издание на фестивалот за развој на креативни индустрии „Скопје Креатива“.

Скопје во наредниве три дена по петти пат ќе пулсира во знакот на платформата за развој и поддршка на креативните индустрии. Од 9 до 11 јуни, во Плаја Виста, под мотото „Поврзи ме со креативност“, ќе се одржи „Скопје Креатива 2016“, фестивалот кој на крилјата на сите претходните искуства се етаблира во регионално случување кое завредува особено внимание. Во негови рамки посетителите ќе имаат можност да проследат повеќе изложби, презентации, работилници, предавања...и да уживаат во филмските проекции, видео и мултимедијалните претстави, концертите и перформансите на познати диџеи.

Од прва рака луѓето ќе ги споделат своите искуства за да направиме некаква здрава компарација до каде сме ние, а каде се тие. Каква е состојбата со нивните индустрии, а каква е состојбата кај нас. Кои се причините и последиците за тоа. Да проговориме каков е приемот на дизајнерите и уметниците во економскиот и бизнис секторот.

Ќе бидат претставени постановките на Универзитетот Аристотел – Факултетот за применети и визуелни уметности од Солун, онаа на Факултетот за архитектура и урбано планирање од Приштина, изложбата на Архитектонскиот факултет од Скопје, потем и на Факултетот за архитектура и дизајн при Американ колеџ и Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет, проектот Инфо млади, презентациите на Ренета Георгиева од Пловдив, Кристијан Бенич од Риека, Стрип центарот на Македонија од Велес, „Урбанолд“ на Надица Кипровска и Орхидеја Огњановска и така со ред.

Ексклузивен гостин на годинашниот Фестивал е Швеѓанецот Карл Малмвал, еден од најнаградуваните дизајнери на ИКЕА и мајстор за мали просторни решенија. Во редот на реномираните гости се и Австриецот Хајдулф Генгрос, кој е планирано да го одржи својот перформанс – предавање „Уметност на материјализирање“ и младата полска дизајнерка Ана Лишч, која сем во родната земја, своето искуство го стекнувала во Израел и во Португалија. Таа на „Скопје Креатива“ ќе ги претстави своите два проекти – сетот на стаклени садови во кои со користење на јаглен и глина се прочистува водата и торбите направени од воздушни перничиња.

„Од прва рака луѓето ќе ги споделат своите искуства за да направиме некаква здрава компарација до каде сме ние, а каде се тие. Каква е состојбата со нивните индустрии, а каква е состојбата кај нас. Кои се причините и последиците за тоа. Да проговориме каков е приемот на дизајнерите и уметниците во економскиот и бизнис секторот“, вели Иванка Апостолова, програмски директор на „Скопје Креатива 2016“.

Таа дополнува дека општествата и традициите ни се различни, дека квалитетот на образованието е секаде поинаков и дека тоа се само еден мал дел од повеќето фактори коишто влијаат во оној реален, добро осмислен развој во насока на некакви креативни индустрии. Истакнува дека колку тоа од една страна да звучи актуелно, е и некаков логичен след на околностите во европските општества, но и во САД од каде што потекнува и целата иницијатива за креативните индустрии.

За оваа пригода во програмата се најдоа и неколкуте филмски проекции, што публиката ќе има можност наново да го погледне деби документарецот „Мизар: Ѕвезда на надежта“ на Марко Џамбазовски (што патем деновиве беше прикажан и на фестивал во Хрватска), потем и концертите на психоделичното поп-дуо ТИ зад кое стојат Илија Дуни и нашиот Трајче Николовски, одличните ФУЛИШГРИН чиј албум „Escape“ беше еден од највозбудливите во дискографската 2013 година и перформансите на диџеите Адо и Шурбе.

„Скопје Креатива“ се одржува под покровителство на Град Скопје и во организација на ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG