Достапни линкови

Путин во потрага по сојузници во ЕУ


Русија се обидува да се приближи до некои држави од ЕУ во обид да го разбие единството во рамките на овој блок околу санкциите. Ова најверојатно нема да ја спречи ЕУ да ги обнови санкциите кои истекуваат во јули.

На прес конференција во Атина минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин ја претстави својата посета дека е во стилот „услуга за услуга“.

Тоа е начин со тек на време да се нарушува единството на Западот кое беше релативно цврсто во однос на Русија во последните две години и да се создаде динамична ситуација во која земјите, една по една, би се вратиле на она што изгледа вообичаен бизнис со Русија.

Тој вети зголемени руски инвестиции во грчката економија која е во тешка криза и побара поддршка од Атина во симнување на санкциите на Унијата спрема Москва.

„Грција може да влијае врз руските односи со ЕУ“, рече тој, пред да додаде вербално намигнување „дури и ако ние не ги очекуваме Подвизите на Херкулес во дворот на европската бирократија“.

Рускиот лидер ги доби одговорите што ги бараше. Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави „на сите им е јасно дека нема иднина за европскиот континент доколку ЕУ и Русија се во кавга“.

Оваа размена беше забележана поради својот тајминг. Таа дојде само неколку недели пред самитот на шефови на држави на ЕУ, на кој лидерите на овој блок ќе разгледуваат дали да ги обноват трговските и финансиски санкции кои тие и ги воведоа на Москва во 2014-та поради нејзините акции во Украина, каде што го зазеде Крим и им дава воена поддршка на сепаратистичките борци.

Постои мала надеж за Москва дека лидерите на ЕУ на состанокот во Брисел на 28 и 29 јуни нема да ги обноват санкциите, кои истекуваат во јули.

Дипломати во Брисел во неформален разговор за Радио Слободна Европа рекоа дека лидерите на ЕУ се силно убедени оти нивните земји ќе постигнат согласност претходно и оти тие ќе имаат на агендата на самитот многу кратко време за дискусија во врска со санкциите. Тоа е така за да може повеќето време на самитот да биде искористено за дискусија за последиците од британското гласање за Брегзит, најавено за 23 јуни.

Меѓутоа, „торпедирањето“ на обновувањето на санциите овој месец не е она што Москва го бара од Атина или од кој било друг. Наместо тоа, таа се доближува до држави од ЕУ за да го поткопа единството на блокот во надеж дека ќе ги охрабри да го искористат правото на вето за укинување или ублажување на режимот на санции, кој треба да се обновува секои 6 месеци со едногласна одлука.

„Тоа е начин со тек на време да се нарушува единството на Западот кое беше релативно цврсто во однос на Русија во последните две години и да се создаде динамична ситуација во која земјите, една по една, би се вратиле на она што изгледа вообичаен бизнис со Русија“, вели Јерг Форбриг, експерт за Русија во Маршаловиот фонд во Берлин.

Дури и ако санциите против Русија бидат продолжени сега, тие ќе бидат повторно разгледувани на крајот од годинава, додава тој. А тогаш веројатно ќе биде многу потешко да се направи тоа.

Патувањето на Путин беше дел од серијата потези на руската дипломатија, во која и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ја посети Будимпешта. Тој вети пораст на трговијата, а неговиот унгарски колега Петер Сијарто рече дека неговата земја е против автоматско обновување на санкциите за Москва. Ние бараме дискусија во Брисел на високо политичко ниво, додаде тој.

Стратегијата на Москва е да се обиде да ги убеди Европејците дека последици од санкциите не трпи само таа. Во Русија овие санкции, заедно со ниските цени на нафтата, донесоа пад на БДП за 3,7 проценти во 2015 година, а предвидувањата на Светска Банка се дека оваа година падот ќе биде за нови 1,9 насто. Меѓутоа, ЕУ исто така е погодена од намалувањето на бизнисот со Русија, нејзин трет по обем трговски партнер. Според независниот австриски Институт за економски истражувања, европската економија загубила 100 милијарди евра поради санкциите спрема Русија, ставајќи под ризик и 2 милиона работни места.

Неколку земји, меѓу кои Грција, Унгарија, Италија, Кипар и Словачка се гласни во поплаките во врска со економските штети што ги трпат. Но досега ниедна од овие поплаки не е премината во знаци на отворен револт.

„Сосема малку е веројатно дека ќе има само една или две земји кои ќе се решат да стават вето за продолжување на санкциите, затоа што тие навистина би се изолирале во рамките на ЕУ и би се соочиле со голем притисок од страна на други земји членки на Унијата“, вели Пол Иван од Европскиот политички центар во Брисел.

Секаков револт би ги ставил повеќето земји од Источна Европа и Балканот кои некогаш беа во блиски врски со рускиот пазар, против најсилните поддржувачи на санкциите- Германија, Франција, Велика Британија, Шведска, Полска и балтичките држави. Тоа е битка која ја водат неколку држави на кои Русија им се додворува.

Грција, на пример, е силно зависна од Германија и Франција како главни кредитори на пакетот за нејзино останување во еврозоната. Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе е под оган во Брисел поради неговите еднострани акции во екот на мигрантската криза во Европа минатата година.

Германија и Франција се посветени на санкциите затоа што нивното укинување е поврзано со целосно имплементирање на спогодбата Минск 2 договорена меѓу Киев, Париз, Берлин и Москва во февруари 2015 година за завршување на конфликтот во источна Украина- нешто што изгледа малку веројатно од оваа гледна точка.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG