Достапни линкови

logo-print

Препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за акцијата „Еразмус“


СДСМ денеска преку соопштение оцени дека „демонстрацијата на сила на МВР врз професори на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје е излив на немоќ на криминалната власт“, а начинот на кој вчера беше извршена со полициски специјалци, велат, фрла сериозен сомнеж за мотивите на акцијата.

„Недозволиво е во институција каква што е универзитетот, специјални единици да упаѓаат како да не станува збор за највисока образовна установа кога сакаат и да вршат спектакуларни акции за дела за кои во цивилизираниот свет се знае како се постапува“, оценуваат од СДСМ.

Според партијата, деградирањето на професорската професија, со употреба на прекумерна сила, велат, била главна цел на акцијата, за која изразуваат сомневање дека е политички мотивирана.

„Акцијата на МВР се случува во време кога има целосна смена на Сенатот на УКИМ, посочуваат од СДСМ и бараат од ректорот на УКИМ Велимир Стојковски на јавноста да и објасни дали и за оваа акција на МВР дал согласност“, велат од СДСМ.

Од ВМРО- ДПМНЕ реагираат:

„СДСМ денеска јавно се стави во заштита на криминалот и корупцијата напаѓајќи го обидот на институциите да расчистат со сомнежите за незаконско работење во високо образовните институции, а студентите се уверија дека СДСМ е отворено против нив, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со соопштението на СДСМ за акцијата „Еразмус“.

„Бројни истражувања во минатото укажуваа на огромна корупција во високото образование и привилегирање на некои студенти кои имаат можност со пари да си ги купат оценките. Наместо СДСМ да го осуди ваквото однесување и да побара поголема ефикасност од институциите, СДСМ денеска ја поддржа корупцијата. Според СДСМ не треба да се водат истраги во врска со информации за барање на мито на професори. Ваквото однесување од СДСМ не е неочекувано. Тоа е единствената партија која е предводена од политичар аболиран за криминал тежок 8 милиони евра“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија, резултатот од ваквото неодговорно однесување, СДСМ ќе го види на наредните избори.

ВМРО ДПМНЕ, воедно, ги повикува сите студенти кои биле сведоци или се жртви на незаконско постапување, случаите да ги пријават пред надлежните институции кои покажале капацитет да се справат со сите сериозни проблеми.

XS
SM
MD
LG