Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: Прифатливо е СДСМ да биде дел од Владата


Владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ излезе со соопштение во однос на барањата коишто денеска ги изнесе лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.

„ВМРО - ДПМНЕ сака јасно да порача дека избори се прифатливи во секој термин, но нема да дозволиме државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни.“

„За ВМРО - ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори. Сепак, премногу пати во минатото беше погазен дадениот збор, така што овој пат ќе мора да покажат дека се сериозни во врска со одржувањето на изборите и дека тоа навистина го посакуваат“, се вели во соопштението.

Од ВМРО – ДПМНЕ наведуваат дека во оваа насока меѓу гаранциите кои ќе треба да ги понуди СДСМ е потврда дека Избирачкиот список е прочистен и дека во периодот кој следи посветено ќе работат на подигање на довербата во Избирачкиот список, за кој, од партијата нагласуваат дека за нив не бил спорен.

„Дури откако ќе биде исполнет овој основен услов, како и останатите услови поврзани со одржувањето на изборите, односно откако СДСМ ќе констатира дека се исполнети условите за одржување на фер, слободни и демократски избори, подготвени сме да разговараме околу желбата да се биде дел од Владата.“

Во однос на останатите услови кои ги побара лидерот на СДСМ, од ВМРО - ДПМНЕ велат дека нивниот став е исто така јасен:

„Секој има право да го изнесе својот став или видување на мирен и демократски начин. Ние тоа право секогаш ќе го штитиме. Но, да нема никакви дилеми, Законите треба да важат подеднакво за сите, вклучувајќи ги и оние кои оштетуваат одбележја, палат или вандализираат институции, воедно нанесувајќи огромна материјална штета. Секој што уништувал јавен имот, треба да одговара за несоодветни постапки“, се вели во соопштението.

XS
SM
MD
LG