Достапни линкови

Кривични за мито за професори од Eкономски


Професорите се сомничат дека на директен или индиректен начин барале и примале поткуп, со цел студентите да ги положат испитите по предметите кои ги предавале осомничените професори.

Осум лица од кои шест професори, еден демонстратор и еден сопственик на бифето на Економскиот факултет во Скопје добија кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи поради сомневања за сторени повеќе кривични дела. Тие се сомничат дека на директен или индиректен начин барале и примале поткуп, со цел студентите да ги положат испитите по предметите кои ги предавале осомничените професори.

„Овој случај е работен на систематски и организиран начин. Сето тоа што го имаме идентификувано и потврдено во рамките на овој случај е поткрепено егзактно со докази добиени со примена на посебни истражни мерки.
Митко Чавков, министер за внатрешни работи

Пет од осомничените со иницијали Б.Ш, Д.Ј, С.Р, Д.Д, Д.Т се задржани во полициска станица и ќе бидат повикани од судија во предистражна постапка. Другите тројца со иницијали Т.Ф, С.Д и Љ.И добиле покана за разговор директно во Јавното обвинителство.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков се повика на презумпцијата на невиност и не сакаше да открие за кои лица се работи.

„Овој случај е работен на систематски и организиран начин. Сето тоа што го имаме идентификувано и потврдено во рамките на овој случај е поткрепено егзактно со докази добиени со примена на посебни истражни мерки. Тоа што успеавме да го докажеме е веројатно само еден мал сегмент којшто ги поткрепува тезите и наодите кои беа утврдувани од доста невладини организации коишто спроведуваа истражувања за степенот на корупција во високото образование“, изјави министерот Чавков.

Осомничените имале разработен систем на комуникација, велат од МВР. Тие примале од 500 до 1000 евра за добивање преодна оценка. Некои од студентите или немале право да го полагаат испитот или го немале пријавено. Во повеќето случаи парите ги земал сопственикот на бифето, потоа ги предавал кај демонстраторот, а тој им ги давал на професорите кај кои требало да се полага испитот.

Чавков не сакаше да потврди дали покрај сомневањето за примање поткуп за истите постои сомневање дека дел од професорите барале и извршувале сексуални услуги заради полагање испит. Детали не откри, бидејќи е во тек истражна постапка. Чавков тврди дека акцијата на полицијата била легитимна од правен аспект оти полицијата има право да навлезе во полицискиот кампус кога има сознание дека во моментот се врши кривично дело, а за постапката претходно бил известен и ректоратот.

Иако корупцијата во образованието не е непозната, стручната јавност се сомнева во искреноста на намерите на актуелната Влада да се одлучи толку сега да ја спроведе оваа акција. Професор Темелко Ристески вели дека власта ги бира моментите со цел да го дефокусира вниманието на граѓаните и со намера да постигне популистички ефект.

„Ефектот за власта е популистички, се бира моментот да се дефокусира јавноста. Момент кога власта го губи угледот кај граѓаните и ги бира сите можни средства за да си го подигне својот углед во смисла дека еве ние власта ги штитиме интересите на граѓаните и се бориме против корупцијата и криминалот кои фатиле длабоки корени во нашето општество“, изјави Ристески.

Министерот Чавков ги негира ваквите сомневања. Вели дека не се работи за механичка операција, туку за оперативна активност за која одлуките се носат во зависност од развојот на настаните во врска со конкретниот случај.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG