Достапни линкови

Екстерното си тече и покрај контроверзиите


Против екстерното протестираа и учениците и професорите и наставниците, но власта не се согласи тоа да биде повлечено и доработено како проект.

Хаосот, трката, притисоците и стресовите продолжуваат и оваа година со екстерните тестирања. Прашањето е што донесе тоа во изминатите пет години и кои се резултатите од ваквиот проект.

Резултатите од изминатите екстерни тестирања покажаа дека успехот на учениците добиен преку екстерното тестирање е доста слаб. Изминатата година на ниво на држава имавме 3,2, што според мене е доста слаб успех за еден таков проект којшто се спроведува од страна на Министерството за образование и наука.

Резултатите од екстерните тестирања и досега не ја прикажуваа вистинската слика на знаењата на учениците, ниту на работата на наставниците, вели наставникот Владо Димовски.

„Резултатите од изминатите екстерни тестирања покажаа дека успехот на учениците добиен преку екстерното тестирање е доста слаб. Изминатата година на ниво на држава имавме 3,2, што според мене е доста слаб успех за еден таков проект којшто се спроведува од страна на Министерството за образование и наука“, вели тој.

Над 178 илјади ученици од основните и средните училишта ќе бидат тестирани до 11 јуни. Државниот испитен центар претходно ги објави прашањата за екстерното тестирање. Учениците се тестираат по два предмета кои ги дознаваат три дена пред полагањето. Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците. Но, оттогаш го следат бројни контроверзии.

Против екстерното протестираа и учениците и професорите и наставниците, но власта не се согласи тоа да биде повлечено и доработено како проект.

„Сметам дека Министерството во досегашниот период требаше да се справи, на некој начин да ги отстрани покажаните слабости од година во година, но дури вчера ние слушнавме дека во Министерството веќе постои расположение за да се дискутира, да се прави анализа и нешто да се смени во концептот на екстерното тестирање, иако, како проект тоа завршува во 2017 година, така што сметам дека ова можеби е купување уште малку време на Министерството додека заврши проектот“, вели Димовски.

Средношколците објаснуваат дека добиле соопштенија дека од оваа година не може да пријавуваат технички проблеми на лице место како што било досега.

Наставникот Љатиф Исмаили кој предава во Тетово вели дека првиот ден од тестирањето поминува добро, без проблеми.

„Тестерите се на своите места, децата се дојдени, се работи, има атмосфера, проблеми немаме, има претставници од Инспекторатот и од општината. Тоа си тече, се следи работата, ние ги вршиме нашите законски обврски, а за резултатите ќе видиме на крај“, вели тој.

Досега екстерното беше одбележано со нелогични прашања, погрешни одговори, технички проблеми... Наставниците се жалеа дека со овој проект им се вршат притисоци, оти во еден период екстерното предвидуваше и казни и награди за професорите.

Резултатите ќе бидат објавени на 13 јуни за деветто одделение, а на 17 јуни за сите останати ученици.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG