Достапни линкови

logo-print

ОЈО: Осум лица од УКИМ осомничени за корупција


Осум вработени на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се осомничени за кривични дела со коруптивна природа во кои се оштетени студенти од Универзитетот, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

ОЈО наведува дека основаното сомнение за корупција следува по повеќемесечна оперативна обработка на податоци и прибрани докази. Од осумтемина осомничени, шест се универзитетски професори, еден е демонстратор на УКИМ и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс.

„Лицата се сомничат за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување сексуални услуги заради полагање испит. Во текот на вчерашниот ден при преземените дејствија за прибирање докази по издадената наредба за претрес, еден од професорите е затечен ин флагранти во извршување кривично дело примање на поткуп од 1.000 евра, додека за останатите се обезбедени докази во изминатиот период“, информира ОЈО.

Обвинителството навдува дека во моментот предметот е во преткривична постапка.

„Надлежниот јавен обвинител ја прима кривичната пријава и врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување присуство на лица и предмети во текот на постапката, по што ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Вчера на кампусот на УКИМ имаше полициска акција, а за денеска попладне прес-конференција за случајот најави Министерството за внатрешни работи.

XS
SM
MD
LG