Достапни линкови

logo-print

Крваво - црвен плоштад и пробиен кордон


Демонстрантите од Шарената револуција испорачаа две барања до властите и им дадоа ултиматум до 18 јуни да ги исполнат. Непосредно пред протестот претседателот Иванов целосно ја повлече одлуката за аболиција. Полициски сили ги блокираа сите приоди кон владата, но демонстрантите ги пробија кордоните. На петгодишнината од убиството на Мартин Нешкоски, демонстрантите истурија црвена боја на плоштадот, која треба да ја симболизира крвта на убиениот.

Неколку илјади демонстранти од Шарената револуција стигнаа на протест пред владата, откако претходно успеаја да ги пробијат полициските кордони. Полициски специјалци, засилени со оклопни возила и водени топови ги блокираа сите приоди кон владата. Сепак, демонстрантите успеаја да пробијат, прво еден од помалите кордони на споредните улички, а потоа специјалците се повлекоа и демонстрантите стигнаа пред владата. Таму скандираа „Мафија на робија“ и „Шутка не ти бега Никола“.

Нашата битка носи резултати, победуваме и затоа извикуваме дека е дојден часот самите да ставиме крај на оваа криза, сега кога знаме дека нашата бројност и издржливост води кон правда и слобода, клучно е да продолжиме уште посилно до дефинитивен пад на овој автократски и корумпиран режим.

Демонстрантите од Шарената револуција испорачаа две барања со властите и им дадоа ултиматум до 18 јуни да ги исполнат. Тие бараат Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Специјалното јавно обвинителство на кое му се заканува укинување. Второто барање е да запрат апсењата и пријавите за учесниците на протестите и да се пуштат од притвор досега уапсените демонстрантите. Доколку овие барања не им се исполнат тие најавуваат радикализација на протестите.

„Нашата битка носи резултати, победуваме и затоа извикуваме дека е дојден часот самите да ставиме крај на оваа криза, сега кога знаме дека нашата бројност и издржливост води кон правда и слобода, клучно е да продолжиме уште посилно до дефинитивен пад на овој автократски и корумпиран режим“, рече активистката Симона Спировска во својот говор пред Владата, каде демонстрантите ги испорачаа своите барања и ивикуваа „Оставка, оставка“ и „Убијци“.

Активистот Денис Јанкуловски рече дека Шарената револуција од денеска ја менува формата на дејствување, а демонстрантите ќе ги има насекаде, и како што рече, ќе бидат погласни и посилни.

„Во среда, на 8 јуни, точно на пладне ќе го блокираме сообраќајот во Скопје. Со оваа блокада ќе прикажеме всушност како со години изгледа нашиот систем. Ние живееме во блокирана држава, со блокиран пристап до правда, блокирани и партизирани институции. Ќе го оневозможиме движењето како што со години оваа власт го оневозможува нормалниот живот, еднаквоста и слободата“, рече Јанкуловски во својот говор.

Нивниот соборец Васко Лазаревски потсети на убиството на Мартин Нешкоски и побара едноминутен молк за него и за сите жртви, на како што рече, овој режим.

„Во оваа зграда на владата се правел договор како да се скрие убиство на дете, во оваа зграда планирале како да не тепаат на 5 мај, во оваа зграда планирале како да ги исфрлат новинарите и пратениците од опозицијата на 24 декември, во оваа зграда се ковани криминали, се уништувани судбини, но во оваа зграда ќе влезе нова демократска влада и од таа нова демократска влада имам само едно барање – да им овозможи фер судење на криминалците и сите во затвор да одат“, рече Лазаревски.

Власта претходно ги исполни двете клучни барања на демонстрантите, откако прво ја повлече одлуката за избори на 5 јуни, а непосредно пред денешниот протест претседателот Ѓорге Иванов целосно ја повлече аболицијата.

Демонстрантите, освен тоа потсетија и на останатите нивни барања, како барање за оставка на владата и оставка на претседателот Ѓорге Иванов, формирање на специјално одделени на Кривичниот суд кое ќе биде задолжен за случаите на СЈО, Формирање на техничка власта, преговорите за излез од кризата да се водат во земјата и на нив да учествуваат претставници од граѓанискиот сектор.

Зградата на владата и на денешниот протест беше мета на големите чатали со боја.

Од пред владата демонстрантите се упатија кон плоштадот Македонија, на местото каде на денешен ден, пред пет години, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, полицискиот специјалец Игор Спасов го уби младиот Мартин Нешкоски. Власта се обиде да го заташка убиството, но под притисок на јавноста соопшти дека убиството го извршил полицаец. Тој беше осуден на 14 години затвор за убиството, но никој досега не одговараше за обидот за прикривање.

Демонстрантите истурија црвена боја на плоштадот, која треба да ја симболизира крвта на убиениот Нешкоски. На 5 мај годинава, демонстрантите со црвена боја на белите мермерни плочки на плоштадот со големи букви напишаа „Убијци“ и „Правда за Мартин, слобода за сите“, но властите веднаш утре дента ги исчистија натписите.

На 5 мај минатата година, опозицискиот СДСМ објави нелегално прислушувани телефонски разговори меѓу, како што рекоа, високи владини функционери, на кои се слуша како се обидувале да го прикријат убиството, по што избија насилни протести. И вечерва на плоштадот преку разглас се пуштаа опозициските бомби за Нешкоски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG