Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ со првиот барокен објект го стави кичот на пиедестал, а со најновите слики го достигна дното. Сликите со позлатени рамки, кои како да се од некое друго време, ја исфрлаат партијата од редот на демократски партии.

Изработката на сликите и ставањето на таков вид на иконографија на ѕидот на новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ ја дефинира таа политичка партија на начин на кој што отстапува од сите параметри, вредности и принципи на едно демократско општество, кое во суштина се спротиставува на таков вид на култот на личноста, коментираат експертите.

Веб порталот Нова ТВ објави дека 50 уметнички слики со позлатени рамки ќе се најдат во седиштето на владејачката партија, а на нив се насликани личности од актуелното, но и од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Го прашавме портпаролот на партијата, Иво Котевски дали сликите се наменети за новата зграда, колку чинат и како се набавени, но не добивме одговор. Се обидуваме да стапиме во контакт и со неколку од насликаните личности, но безуспешно.

Универзитетскиот професор Мирјана Најчевска вели дека разликата меѓу демократијата и автократските режими е што во првиот случај сите функционери ги смета како дел од услужните дејности кои треба да ги остваруваат и штитат потребите и интересите на граѓаните во чија служба се наоѓаат.

„Овој вид на иконографија апсолутно ја исфрла ВМРО-ДПМНЕ од редот на демократски партии и ја става во редот на автократски партии што се спротивни и по своето функционирање и по своите вредности на основни уставни вредности на нашата држава“, вели Најчевска.

Сликарот Сергеј Андреевски истакнува дека уште со првиот барокен објект порачал дека ВМРО-ДПМНЕ го ставил кичот на пиедестал, а со неговото продолжување е достигнато дното, кое се покажува дека нема крај и со најновите слики.

„Не можам да сфатам прво дека такво нешто би можело да се создаде во овој век. Значи тоа е некоја квази имитација на нешто што нема буквално ништо од уметност. Ако сакаат да го имитираат Тито, кој околу себе имаше уметници како Божидар Јакац, портретите ги правеше кои и сега да ги видите се во духот на социјализмот, меѓутоа заслужуваат внимание. Зборувам од уметничка гледна точка како уметник и естета, а надвор од политика“, вели Андреевски.

Во меѓувреме владејачка партија, освен за своите потреби и покрај критиките во јавноста продолжува трошење на пари за реализација на проектот Скопје 2014, а последна во низата е и Рајската градина. Најчевска додава дека секое трошење на пари без да бидат консултирани граѓаните или донесување на некое решение претставува удар на демократијата и е показател дека Македонија не е демократска држава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG