Достапни линкови

Инциденти во бегалски камп на островот Лезбос


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Десетици бегалци се повредени минатата ноќ при тепачка меѓу група мигранти од Авганистан и Пакистан во бегалскиот камп Морија на осторовот Лезбос.

Локалните власти соопштија дека поголем дел од повредените биле третирани од страна на медицински персонал на невладини организации, додека тројца морале да бидат хоспитализирани.

Причината за судирите се уште не е позната.

Според некои информации, пакистански мигранти ги обвиниле Авганистанците дека користат „мафијашки методи“ за да го контролираат кампот во Морија, додека Авганистанците ги обвиниле Пакистанците за кражба и сексуално вознемирување.

При судирите избувнал и пожар кој брзо бил ставен под контрола. Стотици луѓе, претежно арапски бегалци со своите семејства, го напуштиле кампот од страв за нивната безбедност.

При инцидентот се уништени неколку шатори во кои биле сместени бегалците. Судирите се смириле дури откако во кампот интервенирале припадници на грчката полиција.

Полицијата и претходно предупредуваше дека во областа има мал број полицајци кои не можат да се справат со големиот број бегалци. Локалните жители, исто така, изразија сериозна загриженост дека ситуацијата е вон контрола.

Тепачките се честа појава во кампот Морија, каде во моментов се сместени околу 3.000 мигранти кои се во очекување да бидат вратени во Турција, врз основа на договорот меѓу Брисел и Анкара за запирање на бегласкиот прилив кон Европа.

XS
SM
MD
LG