Достапни линкови

Договорот од Пржино наполни една година, но никако да прооди


Договорот од Пржино го чека вистинскиот облик. Најголемата придобивка од него, според познавачите, е формирањето на СЈО, а има уште многу работи кои треба да се исполнат.

Една година подоцна, она што ја откочи политичката криза во која се најде земјава минатото лето, се уште се обидува да го добие вистинскиот облик. Популарниот во јавноста, Договор од Пржино, се уште е актуелен во политичките дебати и калкулации околу тоа што е исполнето, а што не. Опозицијата се врати во парламентот, премиерот си даде оставка, СДСМ доби, па подоцна ги повлече своите министри и заменици, но најважно од се, според упатените, е тоа што се формираше Специјалното Јавно обвинителство, како дел од истиот договор.

Уште некои придобивки коишто се случија претходно од Договорот од Пржино е утврдување на моделот за избори за дијаспората. Така што има еден дел којшто е реализиран, меѓутоа оној клучниот дел за да се реализираат фер и кредибилни, демократски избори, допрва треба да се спроведе.

„Сметам дека ова СЈО е во моментот еден од најкрупните придобивки од целиот тој процес. Сепак останува уште многу работа пред политичките партии за целосно да се исполни Договорот од Пржино. Секако дека како за сè ,така и за ова е потребна политичка волја за да се реши. Да се остави СЈО да функционира без притисоци, за да може реално да ги спроведе процесите за кое е и формирано“, изјави политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Она што исто така произлезе од Договорот во Пржино е новиот состав на Државната изборна комисија, која беше формирана со задоцнување. Но, проблем останува избирачкиот список. Во делот на медиумите ништо не се постигна, а впечатокот во јавноста е дека се направени незначителни промени во потребните реформи. Непочитување има и во делот на одвојувањето на државата од партијата.

„Уште некои придобивки коишто се случија претходно од Договорот од Пржино е утврдување на моделот за избори за дијаспората. Така што има еден дел којшто е реализиран, меѓутоа оној клучниот дел за да се реализираат фер и кредибилни, демократски избори, допрва треба да се спроведе“, смета Гаџовски.

Сепак тој е оптимист дека со поддршка на меѓународната заедница, овој договор ќе го види светлото на денот. Во неколку наврати досега, странските дипломати порачаа дека Договорот од Пржино е се уште жив и е клучниот предуслов за излез од политичката криза. По првичниот договор на 2 јуни, следуваше негово допрецизирање на 15 јули. Договорите се случија со силен ангажман од меѓународната заедница.

„Јоханес Хајндл не случајно е испратен во Македонија. Со оглед на тоа дека Германија е најсилната земја членка на ЕУ, сметам дека нивното вклучување не е случајно. Гледаме дека има чекори кои беа преземени токму поради дипломатскиот притисок.“

Иако првично беше договорено да има избори на 24-ти април, па беа одложени, а потоа презакажани за на 5 јуни, доколку се спроведат сите потребни реформи. Неодамна Уставниот суд пресече и донесе времена мерка за запирање на сите изборни дејства. Во меѓувреме се случи и аболицијата на 56 лица од страна на претседателот Ѓорги Иванов, постапка што предизвика жестоки реакции во домашната и меѓународната јавност. Неодамна, оваа одлука претседателот ја повлече, но само делумно.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG