Достапни линкови

logo-print

ЕУ го загуби трпението со Полска


Европската унија го зајакна притисокот врз евроскпетичната влада во Полска со цел да се откаже главно, од промените во Уставниот суд. Ова, според аналитичарите, е уште еден тест на моќта на Европската унија да наметне демократски стандарди врз оваа екс комунистичка земја на истокот на Европа.

Одлуката на Европската комисија да излезе со официјално предупредување до Варшава го натера полскиот министер за правда да го осуди, како што рече, „едностраното мислење кое покажува искривена слика“.

Предупредувањето беше обелоденето од заменик шефот на Европската комисија Франс Тимерманс, инаку главен преговорач на Унијата со властите во Варшава.

До тоа дојде по неколкумесечни неуспешни дипломатски напори по промените што ги спроведе партијата Право и справедливост во Уставниот суд и во државните медиуми.

„И покрај нашите најдобри напори, се досега не можевме да најдеме решенија“, рече Тимерманс, додавајќи:

„Јас јасно сакам да останам надвор на внатрешната политичка дебата во Полска; на политичките партии во Полска е да решат. Но, се разбира, многу едноставно, ако сте членка на Европската унија и го имате ратификувано Договорот, постојат некои правила. И овие правила се ратификувани од една суверена држава и таа треба да ги применува“, вели тој.

Тимерманс нагласи дека дијалогот ќе продолжи, но одби да шпекулира со какви казни ќе се соочи Полска.

Aко сте членка на Европската унија и го имате ратификувано Договорот, постојат некои правила. И овие правила се ратификувани од една суверена држава и таа треба да ги применува.

Станува збор за најголемата земја од поранешниот комунистички советски блок што пред една деценија и се приклучи на Европската унија.

Полска е и моќен играч во Унијата која се соочува со промени доколку Британија на претстојниот референдум овој месец гласа да замине од европското семејство.

Според процедурата, донесена пред две години по фрустрирачката битка меѓу Брисел и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Полска има две недели да одговори на формалното предупредување.

Ако разговорите не успеат, Европската комисија може да препорача нејзино решение и да постави краен рок за негово спроведување.

Заменик министерот за надворешни работи Конрад Шимански рече дека Полска е подготвена на разговори за „анти-кризни сценарија“ за да ја намали загриженоста на Брисел од тоа дека зголемувањето на бројот на судии, потребни за носење одлуки во Уставниот суд и некои други владини одлуки ја поткопува независноста на судството во земјата.

​Но, Шимански додаде дека владата нема да се согласи со мерки што ќе ги разочара нејзините поддржувачи во парламентот.

„Мерките мора да биде во согласност со очекувањата на парламентарното мнозинство. Тоа е најважното нешто“, рече тој.

Меѓутоа, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во Брисел изјави:

„Демократијата е повеќе од парламентарно мнозинство. Демократијата исто така е и граѓанско општество“, рече тој.

Во случај Варшава да не ги послуша инструкциите од Брисел може да го загуби нејзиното право на глас во Европската унија, како и грантовите и субвенциите што ги добива од Унијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG