Достапни линкови

Опозицијата деновиве со дополнителна кризна стратегија


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Партиите тврдат дека нема преговори за формирање техничка влада и предвремени избори. Странците, пак, инсистираат на овозможување на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Избори засега не се знае кога ќе има, преговори за надминување на кризата и формирање на техничка влада официјално се тврди дека нема, а протестите тераат веќе втор месец. Засега од ваквата ситуација изгледа како да не се наѕира излезот.

Верувам дека на сите нам ни е повеќе од јасно дека сè до целосно повлекување на аболицијата функционалноста на СЈО се става под знак прашалник.
Алберт Муслиу, политички аналитичар

Од СДСМ остануваат на тврдењето дека политички преговори нема, инсистирајќи на тоа дека за да седнат на маса треба целосно да се повлече аболицијата. Од кога тоа ќе се случи, ќе треба да се разговара и за техничка влада за спроведување на изборите, кои, како што рече нивниот лидер, требало да бидат брзи, но од кога ќе се исполнат демократските услови за нивно спроведување. Секој потег на власта во однос на протестите предизвикува контра-ефект и бројноста се зголемува, тврдат од опозициската партија на прашањето какви се нивните очекувања за протестите. Дополнително се очекува партијата да објави попрецизна стратегија деновиве.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема преговори за техничка влада, дека сто дена пред избори ќе се формира преодна, а и тие велат дека досега немало датум за избори.

За разлика од ваквите официјални ставови има гласини за различни варијанти, од избори наесен до гласање дури идната година, или пак намалување на протестите поради летните одмори, до нивно омасовување.

Според аналитичарот Алберт Муслиу, не треба да се очекува радикализација на протестите во идниот период, туку може да дојде до некакво затишје поради летниот период во кој како што вели политичката состојба е посмирена.

„Од друга страна, не верувам дека не се одвиваат преговори и разговори, затоа што гледаме голем број на претставници на наши странски партнери доаѓаат во Македонија и се среќаваат со сите релевантни фактори од политичката сцена, што укажува на тоа дека разговори се одвиваат. Можеби форматот е различен, можеби тие се случуваат индивидуално со секоја од страните, но гласините кои ги слушаме и моделите кои подразбираат излегување од оваа блокада во која се наоѓаме укажуваат на тоа дека разговори и тоа сериозни се одвиваат со сите страни“, вели Муслиу.

Странците, пак, без исклучок, инсистираат на овозможување на работата на Специјалното јавно обвинителство за кое аболицијата беше сериозна пречка. Институцијата со која раководи Катица Јанева за разлика од претходно кога се држеа во некои случаи и по две прес-конференции неделно, сега ја нема од јавноста.

„Верувам дека на сите нам ни е повеќе од јасно дека сè до целосно повлекување на аболицијата функционалноста на СЈО се става под знак прашалник. Така што ова е меѓу период во кој се решаваат сериозни дилеми и по кој треба да добиеме насока по која ќе се движи целосната политичка разрешница“, вели Муслиу според кој токму периодов се разговара за насоката, односно, како што вели, дали тоа ќе било со избори и како би се договорил датумот ако се знае дека и досега на два пати беше договаран па одложуван поради неспроведување на реформите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG