Достапни линкови

Едни бојат, други чистат, трети критикуваат во Битола


Здружението на Власи во Битола критикува поради боењето на киното Манаки. Во СДСМ, пак, најавуваат дека се што е избоено ќе се исчисти со украдените пари од власта.

По општината, судовите, Филип Втори, шарено стана и киното Манаки. Учесниците во Шарената револуција во неколку наврати го обоија, барајќи оставка од битолскиот градоначалник Владимир Талески. Обновувањето на киното на првите балкански сниматели беше едно од неговите предизборни ветувања. Шаренилото им засмета на членови од Заедницата на Власите од Битола кои критикуваат дека ова е атак врз делото на браќата Манаки.

Сакаме да му пренесеме порака дека ќе бидат вратени во првобитната положба од парите кои Груевски ги бараше од провизијата, само 16 милиони, ништо повеќе.

„Ние се боревме како Заедница на Власите уште пред 15 години да се изгради едно такво кино, кое сега локалната самоуправа пред неколку години смогна сили да го гради. Ова личи на вандалски чин. Ќе побараме од институциите да се превземи нешто и да се најдат тие кои беа учесници во ова, веројатно некои се регистрирани“, вели Христо Чолаковски, претседател на Заедницата на Власите од Битола.

Од Шарената револуција возвратија дека немаат ништо против делата на Манаки, напротив се гордеат со нив. За ова велат дека е порака до Талески, зашто во своето владеење се зафати со изградба на нов објект, а бисерот на битолската архитектура - Офицерскиот дом го остави да пропаѓа.

Благојче Котевски, советник од редовите на СДСМ, на еден од протестите од мегафон порача дека обоените објекти ќе се вратат во првобитната положба со пари од провизијата што се спомнува во една од бомбите.

„Се бунат гдомовците дека сме го исфрабале киното Манаки, судот, општината, јавното обвинителство. Сакаме да му пренесеме порака дека ќе бидат вратени во првобитната положба од парите кои Груевски ги бараше од провизијата, само 16 милиони, ништо повеќе. Дали се сеќавате на таа бомба. Па едно време Груевски го прашува Миле „да не се многу?“ Е, многу се. Со сите тие пари што ќе се заштедат ќе си го вратиме ликот на државата“, рече Котевски.

За да не се бои киното, локалната власт го покри со церади. Но, ни тие не го спасија. Од бојата не можеше да се дочисти ни споменикот на Филип Втори. Откако Шарената револуција го обои, жени од Битола кои тврдеа дека по своја иницијатива се собрале, а новинарите беа известени дека настанот е на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, со сунѓери се обидоа да го исчистат споменикот, на, како што рекоа, нашиот потомок.

„Срамота и греота е ова што се прави, зашто сите знаеме кој беше Филип за македонскиот народ. Најсрамно е самите да ги си уништуваме нашите потомци, луѓето кои се бореле за самостојна Македонија“, изјави Славица Стојановска, пензионерка од Битола.

Откако заминаа камерите, си отидоа и чистачите. Вечерта Шарените обвинија дека споменикот не е добро исчистен.

„Да истакнеме една поплака до граѓанките кои со доместос го чистеа споменикот. Ова е чисто бе? Ова е срамота“, рекоа протестантите.

Протестите во Битола траат веќе два месеци, а учесниците бараат оставка на градскиот татко. Владимир Талески веќе неколку недели не се има појавено во јавноста, случајно или не, откако од уличната герила беше посипан со лажни евра на официјална прес-конференција.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG