Достапни линкови

Собранието расправа за Комисијата за импичмент на Иванов


Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи расправата за одлуката за основање на Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција, поднесен од страна на опозицијата.

Пратеничката Рената Дескоска од СДСМ истакна дека во целата, како што рече, незаконитост околу составот на Комисијата и импичментот на Иванов, симптоматично е однесувањето на ДУИ.

„Тие ја потпишаа иницијативата за импичмент. Велат дека не го гласале Иванов, но ДУИ всушност многу придонесе Иванов да биде избран за претседател. Сега ДУИ не искажува став околу соодветната претставеност на пратеничките групи во Комисијата, туку тоа го квалификува како судир меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, рече Дескоска.

Според неа, ова е судир меѓу оние кои го кршат Деловникот и оние кои сакаат да се спроведат одредбите од Деловникот.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека не оформуваат Комисија за импичмент туку, како што рече, Комисија која ќе ја разгледа основаноста на вашиот предлог.

„Комисијата не суди. Комисијата не утврдува одговорност, таа ја разгледува основаноста на вашиот предлог. Собранието е тоа кое носи одлуки“, рече Илиоски.

Според него, составот на Комисијата треба да ја отсликува адекватната состојба на пратениците во собраниската сала и додаде оти тоа е пресликано и во составот на Комисијата.

Рафиз Алити од ДУИ реплицирајќи и на Дескоска рече дека обвинувањата кон ДУИ се неосновани и не носат политички поени.

„Ние го немаме признаено, ниту пак гласано Иванов. Бараме претседателот да биде за сите граѓани и имаме побарано консензуално да се реши прашањето на претседателот, бидејќи тој треба да има одговорност кон сите граѓани и да сноси одговорност за иднината на државта. И ова е причината зошто сме апелирале нашето гласачко тело да не гласа во претседателските зибори“, рече Алити.

Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ ги спореди двете аболиции, на Црвенковски и на Иванов.

„Црвенковски го аболицира вашиот сегашен лидер Зоран Заев за криминал кој е тежок 8 милиони евра“, рече Затуроска.

Втората аболиција, изречена од Иванов, како што рече, е донесена во еден исклучително тежок период низ кој поминува нашата земја.

„Аболицијата изречена од Иванов е осудена од сите политички партии, вклучувајчќи ја и од ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од вашиот државник Црвенковски, Иванов дава објаснување зошто ја носи оваа аболиција. Црвенковски не дава никакво објаснување за абоплицијата тешка 8 милиони евра“, рече Затуроска.

XS
SM
MD
LG