Достапни линкови

Императив е да се повлече аболицијата, поткопувањето на работата на СЈО е црвена линија за меѓународната заедница и ЕУ е сериозно загрижена за случувањата во Македонија. Ова се главните пораки кои ги пренесе денеска директорот на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон.

Во однос на аболицијата тој посочи дека во земјата кандидат за членство во ЕУ мора да има целосна одговорност и еднаков третман пред законите и дека не смее да има простор за неказнивост или пак за селективна правда. На Специјалното Јавно Обвинителство мора да му се дозволи да ја работи својата работа, изјави Даниелсон.

Договорот од Пржино е од највисоко значење. Политичките лидери мора да го зачуваат и почитуваат својот политички договор и неговите основни принципи за владеење на правото , одговорност, сеопфатност и кредибилни избори. Оваа рамка останува најдобриот начин за придвижување напред на земјата од моменталната криза.

„Тоа е есенцијално за да се обезбеди одговорност и да се врати довербата во владеењето на правото и довербата на граѓаните во судскиот систем. Јас сум длабоко загрижен поради поткопувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство. Важно е таквото поткопување да престане. “

Даниелсон по средбата со политичките лидери во земјава, истакна дека е неопходно политичарите да ги исполнат ветувањата од пред една година за спроведување на Итните рефорски приоритети и наскоро да ги исполнат условите за кредибилни избори.

„Договорот од Пржино е од највисоко значење. Политичките лидери мора да го зачуваат и почитуваат својот политички договор и неговите основни принципи за владеење на правото , одговорност, сеопфатност и кредибилни избори. Оваа рамка останува најдобриот начин за придвижување напред на земјата од моменталната криза.“

Претходно претседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по средбата со Даниелсон во писмено соопштение истакна дека и натаму приоритет за оваа партија е нормализирање на политичката ситуација.

„Актуелната влада има легитимен мандат до 2018та година, но како партија ВМРО-ДПМНЕ е подготвена тие да се одржат и порано доколку опозицијата изрази спремност да излезе и се соочи со граѓаните.“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети кој исто така се обрати со писмено соопштение посочи дека ДУИ се ангажира да обезбеди гаранција за работата на Специјалниот обвинител, и дека ќе се посвети на спроведување на реформите кои произлегуваат како обврска од страна на Евро-атланските партнери.

Лидерот на ДПА на средбата со Даниелсон истакнал дека причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и натаму продолжуваат со едностраните и неодговорни одлуки за прашања кои биле дел од преговорите и за кои требало да се постигне консензус меѓу најголемите политички партии со посредство на САД и ЕУ.

Од СДСМ не коментираат по синоќешната средба со Даниелсон. Директорот на Директоратот за проширување на ЕК денеска не одговараше на новинарски прашања.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG