Достапни линкови

logo-print

Странска помош за справување со фантомските гласачи


Странска експертска, а не политичка помош за подготовка на избирачкиот список добро ќе дојде, иако партиите засега не се изјасниле за ваквата идеја на Хан. Партиите остануваа на ставот дека нема преговори за излез од кризата.

Ќе коментираме од кога ќе го видиме конкретниот предлог за меѓународен мониторинг при подготовката на избирачкиот список, коментираат од СДСМ од каде што велат дека досега не добиле ништо. Оваа идеја на средба со новинари во Брисел ја спомена еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој рече дека повел таква иницијатива. Од опозициската партија и покрај изјавата на европскиот дипломат дека Груевски и Заев биле во контакт, остануваат на тврдењето дека нема преговори, нагласувајќи дека за сè понатаму клучно е повлекувањето на аболицијата.

Ние немаме утврден термин за избори, така што дали изборите ќе се одржат еден или два месеца подоцна не менува ништо. Многу е поважно да имаме избирачки список кој ќе ја отслика реалната состојба со избирачите во Република Македонија.

Почекајте, кратко искоментираа од ДУИ, а другите партии потписнички на Договорот од Пржино не ја коментираа идејата на Хан.

Прочистувањето на избирачкиот список и сè друго поврзано со изборите треба да биде работа на Државната изборна комисија, но бидејќи не се успеа досега да се решат работите добра е помошта од меѓународната заедница, оценува професор Никола Дујовски. Европските политичари не носат никогаш одлуки сами и не верувам дека ова е само идеја на Хан, туку сигурно веќе е разговарано во структурите, вели тој.

„Се што ќе кажат од Европската комисија треба да го сфаќаме малку посериозно без разлика што изјавата е дека тоа е само негова идеја ценам дека без да знае дека имаат капацитет тоа да го направат и дека имаат расположение да помогнат во подготовката на избирачкиот список се разбира на експертско ниво, не на политичко може многу да помогне. Ние немаме утврден термин за избори, така што дали изборите ќе се одржат еден или два месеца подоцна не менува ништо. Многу е поважно да имаме избирачки список кој ќе ја отслика реалната состојба со избирачите во Република Македонија“, вели Дујовски.

Во врска и со понатамошните преговори за надминување на кризата официјално партиските преставници веќе извесен период тврдат дека директни разговори нема, а по посетата на германскиот специјален пратеник за Македонија Јоханес Хајндл минатата недела не се споменуваат и друг вид на разговори преку посредници.

Хајндл, пак, во интервју за Дојче Веле рече дека решението на кризата во Македонија е во Договорот од Пржино, а аболицијата мора да се повлече и виновниците да одговараат. Според Дујовски крајно време е, како што вели, ако постојат преговори зад сцената тие да станат потранспаретни бидејќи се решава за важни прашања.

„Во ситуација кога нема никакви информации дали има разговори и што воопшто преговараат најдобро е да се повикаат политичарите во најмала рака да седнат на преговарачка маса, па дури и она што опозицијата го бара, повлекување на аболицијата од страна на претседателот да се договори пред јавноста, па дури и претседателот да седне со нив можеби ќе вродат со плод. Треба да се проверат сите можни решенија и да се види што е најдобро во оваа ситуација, никој не треба да остане на своите ставови докрај“, вели Дујоски.

Хан рече и дека се согласува со Груевски аболицираните да не се во Владата додавајќи дека многу важна е работата на Специјалното обвинителство, а повторно ја критикуваше одлуката на претседателот Иванов да помилува голем број лица обвинети во скандалот со прислушувањето.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG