Достапни линкови

„Диво насеље“ се спои со „Молња“ и запна на простор


Случајот е комплексен и нема услови за одржување на вакво судење, вели одбраната. Според нив претседателите на Врховен и на Основен суд се инаетат за сала за судењето и тоа го одолговлекува целиот процес.

Денешното рочиште за случајот „Диво Насеље“ беше повторно одложено, овој пат причината е отсуството на судечкиот судија, Верка Петковска, која била на боледување. Следното рочиште, според судијата Горан Бошевски, кој ги известил и адвокатите е закажано за 31 мај, кое треба да се одржи во големата сала на Врховниот суд.

За денеска ни беше ветено дека е веќе средено, но очигледно има некои технички проблеми меѓу нив или не се решени, а на крај мислам дека ќе се успее за во Врховен да се оди, бидејќи само таа сала ги исполнува тие пред услови.
Насер Рауфи, адвокат на одбраната.

Процесот и во изминатиот период наидуваше на сопки, а рочиштата досега неколку пати беа одложувани. Минатата недела беше донесена одлука на Кривичниот суд да му биде отстапена големата сала во Врховниот суд откако случајот „Диво Насеље“ беше споен со случајот „Молња“. Обвинетите во „Молња“ се теретат за логистика на кумановската група од „Диво Насеље“. Претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделковска не сакаше да ја отстапи салата од, како што наведе, безбедносни причини. Во минатото причината за одложувањето на рочиштата исто така беше немањето услови за одржување на главната расправа во скопскиот Кривичен суд.

„И според мене немањето предуслови. Она што од почетокот јас го истакнував дека нема никакви услови да се одржува вакво комплексно судење. Значи се е до салата според мене и очигледно дека е и инаетење помеѓу претседателите на Врховниот суд и на Основниот суд Скопје 1. - Ви ја даваме, па не може, поради некои безбедносни состојби околу објектот и нема друга причина според мене“, вели еден до адвокатите на одбраната во случајот, Насер Рауфи, кој очекува и наредното рочиште да биде одложено.

„Не верувам тоа е многу брзо сега во вторник, меѓутоа на 6 јуни можеби тогаш. Засега не верувам дека ќе има предуслови. Јас мислам дека ќе се одложи додека не се реши ова. За денеска ни беше ветено дека е веќе средено, но очигледно има некои технички проблеми меѓу нив или не се решени, а на крај мислам дека ќе се успее за во Врховен да се оди, бидејќи само таа сала ги исполнува тие пред услови“, смета Рауфи.

Судењето за предметот „Диво Насеље започна на 9 февруари, а обвинети се 29 лица за тероризам и учество во терористичка организација. На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група. Во случајот„Молња“ обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG