Достапни линкови

Оваа Влада не чини, порачаа демонстрантите


Владата нè носи во пропаст и оваа Влада не чини, порачаа денеска демонстрантите. Токму Владата и Собранието денеска беа во фокусот на таканаречената Шарена револуција. Собранието беше обоено во боја, а пред Владата беше испишан цитат.

„Со оваа власт одиме во пропаст“ порачаа денеска демонстрантите од таканаречената Шарена револуција. Тие на улицата пред Владата со боја го испишаа познатиот цитат од новинарот Никола Младенов.

„Колку чини слободата. Ние сакаме општество на слободни луѓе. Тие сакаат збирштина од безрбетници и тука нема компромис.“

Се палеа и слики со ликот на претседателот Ѓорѓе Ииванов, лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски, како и со ликот на министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Демонстрантите пред Влада донираа и пари за потребите на Шарената револуција. Се делеа и летоци со фотографија од манифестот на ВМРО- ДПМНЕ на кој некои од демонстрантите скокаа и извикуваа „Оваа Влада не чини“ .

Тие потоа се упатија кон Собранието каде со нов импровизиран чатал ја гаѓаа зградата со боја. Сега речиси целата фасада на Собранието е шарена. Пред Собранието беше поставен и пулт на кој демонстрантите имаа можност да потпишуваат полномоштво со кое адвокатите обезбедени од организаторите на протестите ќе може да ги бранат доколку бидат повикани на информативен разговор во полициска станица.

Оваа боја врз Собранието и на сите други институции е симболот на нашиот непокор. Нема да дозволиме да ни говорат за сквернавење тие што ги уништија сите институции.

Еден од активистите Мидораг Стојанов пред насобраниот народ кај Собранието рече дека протестираат затоа што не смеат да дозволат да помине амнестијата за криминалците на власта.

„Оној фикусот од претседател седум години молчеше за сега да гукне и да направи хаос. Седум години нелегитимниот претседател е извршител на политиките на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, а сега тој е последната сламка за спас на криминалците. Нема да дозволиме тоа да им помине. Оваа боја врз Собранието и на сите други институции е симболот на нашиот непокор. Нема да дозволиме да ни говорат за сквернавење тие што ги уништија сите институции“, рече Стојанов.

Протестите традиционално започнаа пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство. Демонстрантите меѓу другото бараат укинување на политичките помилувања, оставка од претседателот Ѓорге Иванов и формирање техничка влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG