Достапни линкови

Кинематограферот Милер во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“


Роби Милер, прочуениот холандски и светски кинематографер, е добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 37-мо издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што од 10 до 17 септември ќе се одржи во Битола. Статуетката на лауреатот, кој за жал е врзан за инвалидска количка, ќе му биде врачена на претстојната изложба посветена на неговото творештво што ќе се одржи во јуни во Амстердам.

Денес се прават многу филмови каде што бојата навистина не е неопходна, но немате избор, бидејќи дистрибутерите бараат боја, за да можат да го продадат филмот. Секогаш со режисерот имам еден вид „мисловна вежба“ - Зошто не во црно–бела техника или зошто не во боја? Така, кога ќе си објасниме самите, знаеме каде да обрнеме повеќе внимание, бидејќи ако правите такви филмови, какви што, генерално, јас ги правам, тогаш бојата може да даде премногу информации. Филмот „Alice in the Cities“ (1973), на пример, ако беше снимен во боја, ќе беше многу лош филм. Исто важи и за „Down by the Low“ (1985), ќе имавте премногу информации насекаде и тие ќе ве одвлечеа од тоа што сакате да го кажете.

Со годинешната НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗЛАТНА КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки“ на најдобар можен начин ќе го прослави и круниса извонредниот креативен и уметнички опус на еден од најголемите и најценети светски кинематографери.
Благоја Куновски – Доре, директор на Фестивалот Браќа Манаки

Со овие неколку реченици, позајмени од едно негово интервју, холандскиот кинематографер Роби Милер најречито говори за сопствените стремежи во филмот.

И, кога на нив ќе им ги додадеме информациите дека тој стоел зад камерата на дела како „Summer in the City“ (1969), првиот долгометражен филм на режисерот Вим Вендерс, со кој почнува нивната плодна соработка која ги опфаќа и класиците „The Goalkeeper Fear ofThe Penalty“ (1971), веќе споменуваниот „Alice in The Cities“ (1973), „Paris, Texas“ (1983) и други. Не смее да се заборави и тоа дека Милер им бил инспирација на режисери како Џармуш, Фридкин и дека ги снимил и најзначајните филмови од опусот на големиот Ларс фон Трир како „Breaking The Waves“ (1995) и „Dancer in The Night“ (1999).

Ете затоа е повеќе од јасно е зошто вистинските познавачи на филмот го нарекуваат „Маестро на светлината“.

Милер има снимено над 80 играни филмови и 15-ина телевизиски, а за своето творештво добитник е на бројни награди и признанија на извиканите светски филмски фестивали, како и „Бронзена камера 300“ во 1996 година и „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност во 2002 година, кога беше и претседател на жирито во Битола.

По безмалку деценија и половина, Роби Милер со добивањето на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 37-мо издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера практично влегува во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“.

„Со годинешната НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗЛАТНА КАМЕРА 300, фестивалот „Браќа Манаки“ на најдобар можен начин ќе го прослави и круниса извонредниот креативен и уметнички опус на еден од најголемите и најценети светски кинематографери, без претерување меѓу 10 најдобри - Роби Милер“, вели Благоја Куновски – Доре, директор на Фестивалот.

Инаку, за жал, од 2010 година кинематограферот е врзан за инвалидска количка, не е во состојба да патува и затоа нема да дојде во градот под Пелистер. За отворањето на фестивалот во Битола е поканета неговата сопруга Андреа, а статуетката на Милер на 3 јуни, на свеченото отворање на големата ретроспективна изложба „Мајстор на светлината“, посветена на неговото творештво, ќе ја врачат Куновски и Евгенија Теодосиевска, уметнички директор на „Браќа Манаки“.

Инаку, статуетката е дело на скулпторот Димитар Филиповски, а за целокупниот дизајн на Фестивалот задолжени се „Ефектива“ од Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG