Достапни линкови

logo-print

Кировски: „Телма“ врши систематизација, укинати се 12 работни позиции


„Телевизијата Телма врши систематизација и укина 12 работни позиции, но тоа не значи дека се поделени 12 откази на луѓе“, објави директорот на телевизијата Атанас Кировски на социјалната мрежа Фејсбук, откако денеска се појавија информации дека во „Телма“ се отпуштени 12 вработени од информативната, културната и од забавната редакција и дека тие со одлука на раководството биле прогласени за технолошки вишок.

Во медиумските извештаи денеска беше наведено дека новинарите не добиле образложение зошто е донесена таквата одлука, но во писменото известување било наведено дека тоа е заради намалувањето на трошоците во телевизијата.

Денеска во „Телма“ ималo и преговори меѓу Синдикатот и новинарите на кои им се закануваат отказни решенија, наведе Кировски.

„Иако немаме законска обврска да разговараме со независниот синдикат околу ситематизацијата и рационализацијата, го правиме и тоа, и бараме чаре за секој човек. Но, некои луѓе и навистина ќе мора да си заминат. Сакам да се знае дека нема таков на кој не му се дадени повеќе од две шанси и молењето некои луѓе да си ја заработуваат платата трае 20 месеци. За тоа се свесни и луѓето од синдикатот кои ми дадоа целосно за право“, вели Кировски.

Неколку новинари на ТВ „Телма“ обвинија дека од новинари од доверба стигнале до технлошки вишок.

Со соопштение во меѓувреме излезе и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ):

„Новинарите и медиумските работници членови на синдикалната организација на ССНМ во Телевизија Телма, изразуваат целосна поддршка на колегите кои се најдоа на списокот за колективно отпуштање од деловни причини, односно како технолошки вишок. Синдикатот го повикува раководството на Телевизијата да се најде соодветен модел, за сите колеги за кои тоа е можно и кои во изминатиот период се потврдиле со својот редовен професионален ангажман, да бидат неодложно задржани на работа и од тој став не отстапува“, се вели во соопштението на ССНМ.

XS
SM
MD
LG