Достапни линкови

Оф-фест – 15 години едукација и слободарски музики од светот


Со „СЕН ЖЕРМЕН“ на Лудовик Наваро, американскиот поет, актер и рапер Сол Вилијамс, „златниот глас на Африка и првата рок-ѕвезда на Гана“ - Пет Томас и неговите КВАШИБУ АРЕА БЕНД и уникатната бразилска гитаристка и пејачка Бади Асад, како перјаници на четиридневната програма, од 27 до 30 мај, ќе се одржи 15-то јубилејно издание на Оф-фест, манифестацијата која во изминатиов период, ширејќи ни ги културните хоризонти, упорно нè потсетува дека сме дел од несовршениот глобален свет и неговата слободарска, пулсирачка, творечка енергија.

Изнедрен од потребата за реафирмирање на основните начела на Скопскиот џез фестивал, Оф-фест, како фестивал „на една поинаква музика“ на истиот потписник, во изминатава деценија и половина, се воздигна до едно од ретките музички случувања кај нас, чија мисија беше и остана да едуцира. Да нè потсетува на силината на глобалното творештво и неговата поетика. Да ги крепи бунтот и идејата за слободен исчекор во непознатото. Недофатливото.

Во последните 20-30 години целиот свет, особено западните земји, посебно Европа и САД, открија прекрасна музика која доаѓа од сите континенти.

Од таму, ако само летимично се фрли поглед на оние кои ги видовме и чувме през годините, артисти и групи како Дејвид Брн, Цезарија Евора, МАДРЕДЕУШ, Сузана Бака, Елијадес Очоа, СПИРИЧУЛАЈЗД, МЕРКУРИ РИВ, Мариза, Ли Скреч Пери, МАСИВ АТАК, ГОТАН ПРОЏЕКТ, Маркос Вале, Бебел Жилберто, ОРКЕСТРА БАОБАБ, Сеун Кути, ГЕНГ ОФ ФОУР, Мелинго, Пати Смит, Родриго Леао, Амаду и Мариам, ТОРТОИС, Анушка Шанкар, Кимо Похјонен, Мулату Астатке, Хинди Захра, бунтовниците ТИНАРИВЕН, излегува дека сме ја имале таа привилегија да бидеме сведетели на перформансите на оние кои и припаѓаат на елитата на современата глобална музичка мисла.

И, ако згора на тоа не бидат заборавени регионалните предводници како Дарко Рундек, Зоран Предин, АНСАМБЛ ТИРАНА, Мерчан Деде, БАБА ЗУЛА или домашните ФОЛТИН, ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ, ТОНИ КИТАНОВСКИ И ЧЕРКЕЗИ, ЉУБОЈНА, БАКЛАВА, БИОСКОПИЈА, ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, Зоран Маџиров, Дуке Бојаџиев, ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ...тогаш на површина излегува дека Оф-фест стамено се исправа во едно од највиталните (суб)културни случувања во пошироки рамки. Во фестивал чија потрага по здравото ткиво на современата звучност, кое нималку не подразбира популарност и пласман на топ листите, со ништо не може да биде омеѓена.

„И натаму го зачувуваме концептот Оф-фест да биде нешто друго од Скопскиот џез-фестивал и да донесува музика од сите страни на светот, која во процесот на глобализација е многу важна. Во тој процес, во последните 20-30 години целиот свет, особено западните земји, посебно Европа и САД, открија прекрасна музика која доаѓа од сите континенти“, ќе рече во пресрет на јубилејното издание на Фестивалот Оливер Белопета.

А, во дослух со таквите стремежи, сосема разбирливо е што тој и неговиот тим, и овојпат потпишуваат прилично ексклузивна програма. Воведот во случувањата ќе го стори чешката пејачка и виолинистка Ива Битова, која на патот кон интернационалната кариера вешто еквилибрира во неколку музички жанрови – од џез, преку идиосинкретичен фолк-рок, до современа класика, опера и импровизации. Таа долго време е една од најоригиналните појави во современата музика.

По нејзиниот перформанс во кино „Фросина“, од 22.30 во Метрополис арена публиката ќе има можност да го проследи концертот на СЕНТ ЖЕРМЕН, или ако милувате проектот на Лудовик Наваро, пионерот на она што е именувано како „француски допир“ и творецот на интелигентна, сензуална и оригинална дип-хаус, блуз и џез и лаунџ-музика.

В сабота, во МКЦ, со својата поетика и незгаслива бунтовна енергија, најнапред ќе не пречека Сол Вилијам, еден од моќните гласови на актуелната американска хип-хоп генерација. По него следува Педро Кокенао, или ако сакате БАТИДА, радио, видео и музичкиот продуцент роден во Ангола, а израснат во предградијата на Лисабон.

В недела, на третиот ден од Оф-фест, уште едно исклучително музичко име - Пет Томас, еден од најпознатите претставници на т.н. „хајлајф музика“, која во 1960-тите и 1970-тите била носечки музички стил во Африка.

В понеделник, пак, на последната вечер од „Оф-фест 2016“, случувањата ќе започнат со Бади Асад една од уникатните појави на бразилската музичка сцена.

И, за крај на манифестацијата се оставени КАНЦОНИЕРЕ ГРЕКАНИКО САЛЕНТИНО, бендот кој ја следи традицијата на т.н. таранта од јужна Италија и кој со своите настапи ја воодушеви пробирливата публика на извиканите фестивали како Вумед, Вомекс или унгарскиот Зигет.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG