Достапни линкови

Ослободувањето на Исмаилова, позитивен сигнал


Соединетите Држави и Европската унија го поздравија вчерашното ослободување на новинарката на Радио Слободна Европа Хадиџа Исмаилова, откако Врховниот суд на Азербејџан ја суспендира нејзината затворска казна од 7,5 години. „Ви благодарам за поддршката. Ја продолжувам работата како новинар“, изјави таа.

Исмаилова беше затворена во 2014 година за известувања во врска со корупциски зделки на семејството на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Судот во Баку ги преиначи обвинувањата против Исмаилова за проневера на имот и злоупотреба на службената положба, но ги потврди нејзините обвинувања за нелегално претприемништво и затајување данок.

Затворањето на Исмаилова поттика осуда од страна на меѓународната заедница, како и барања за нејзино ослободување.

„Ова е позитивен чекор и ја охрабруваме влада на Азербејџан да ги отфрли и другите обвинувања против неа“, соопшти Стејт департментот, кој додава дека доколку Азербејџан ја прошири слободата на говорот, како и просторот за граѓанските организации тоа ќе доведе и до зацврстување на односите меѓу Баку и Вашингтон.

Се разбира, ќе одам натаму во Европскиот суд и ќе се борам додека се докаже дека не сум виновна по сите обвиненија.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини побара ослободување и на другите кои поради политички причини се во затвор во Азербејџан.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ оцени дека ослободувањето на Исмаилова е „многу позитивен чекор“.

„За жал казната на Исмаилова е само суспендирана и повикувам да бидат укинати сите обвинувања против неа и ослободување на другите затворени новинари“, изјави Мијатовиќ.

Претседателот на ББГ Џон Ленсинг ги повика властите во Баку да ги запрат истрагите против другите новинари кои работеа во бирото на Радио Слободна Европа пред тоа да биде затворено.

„Ова е голем ден за Кадиџа, за сите новинари и слободата на говорот насекаде“, оцени главниот уредник на РСЕ Ненад Пејиќ.

Поддржувачите на Исмаилова побараа нејзиниот случај да биде изнесенпред Европскиот суд за човекови права за што помош добија од познатиот адвокат за човекови права Амал Клуни.

„Се разбира, ќе одам натаму во Европскиот суд и ќе се борам додека се докаже дека не сум виновна по сите обвиненија“, рече 39 годишната Исмаилова која за нејзината истражувачка работа има добиено многу меѓународни награди.

Поранешната советска република Азербејџан, веднаш по распаѓањето на Советскиот Сојуз, е управувана од семејството Алиев, најпрвин од Хајдар, а потоа од неговиот син и сегашен претседател Ихлам.

Во последните неколку години властите ги заострија мерките против независните медиуми, граѓанските здруженија и опозициските политичари.

Во годинашниот извештај за слободата на медиумите Фридом хаус го рангира Азербејџан на 189 место од 199 земји во светот. Фридом хаус соопшти дека во Азербејџан се уште има над 80 политички затвореници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG