Достапни линкови

logo-print

Меркел: Не сум загрижена за договорот ЕУ-Турција


Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека не е загрижена околку спроведувањето на договорот меѓу Европската Унија и Турција за спречување на масовниот прилив на бегалци во Европа.

Според германската канцеларка, нема потреба од загриженост, но има потреба од повеќе време за визна либерализација за турските граѓани при патување во ЕУ.

„Не сум загрижена, само ни е потребно повеќе време“, изјави Меркел по состанокот на нејзиниот Кабинет.

Повеќе европски политичари изразија стравување околу можноста за имплементација на Договорот со кој Турција треба да го запре приливот на бегалци од нејзина територија кон ЕУ, откако поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу поднесе оставка, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган ја отфрли можноста земјата да ги усогласи своите антитерористички закони со легислативата на Унијата.

Анкара тврди дека европските механизми за борба против тероризмот се неприменливи во Турција, поради начинот на кој се борат припадниците на Исламската држава и курдските милитанти.

Брисел најави дека без промена на турските закони за антитероризам ЕУ не може да донесе одлука за визната либерализација за турските граѓани, што заедно со шесте милијарди евра финансиска помош и забрзување на процесот за членство на земјата во Унијата, беше утврдено со договорот меѓу ЕУ и Турција.

XS
SM
MD
LG