Достапни линкови

Нешковски - Цел живот држам само гитара и четка во рацете!


Томислав Нешковски, гитарист
Томислав Нешковски, гитарист

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, в петок, на 27 мај, во 20 часот, со дела од светската фолклорна традиција и фламенко композиции, ќе се претстави гитаристот Томислав Нешковски. Ова е негов седми концерт пред тамошната културна јавност во безмалку четиридецениската музичка кариера и вовед во серијата музички средби со уметникот што допрва треба да следува.

Томислав Нешковски е уметник. Вајар по диплома кој многу милува да влече потези со четката и згора страстен вљубеник во фламенко гитарата. Еден од оние кој повеќе говори со делата и со пребирањето со прстите по жиците. Неговиот живот пулсира во тактот на нивното треперење. Со ритамот што го исполнува просторот и ви ја враќа вербата во убавото. Во вонвременото.

Фламенко музиката е многу емотивна. Секоја композиција е како приказна. Раскажува случка од животот. Одбрав да свирам „солеа“ која во себе содржи тага, нежност и море од емоции. Свирам и „севиљанас“ , па „булериа“ која исто така е весела и со треперливи тонови полни со допадливост.
Томислав Нешковски, гитарист

И, токму тој, во својата полна животна зрелост, во миговите кога станува се попотентен како инструменталист, по една пристојна пауза од сцената, наново и се враќа на публиката. Разбирливо, најнапред во родниот град – Куманово. Концертот е планирано да се обистини овој петок, на 27 мај, во 20 часот, во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. На него, гитаристот на љубителите на убавата музика ќе им дари две целини – едната во која посега по делата од светската фолклорна традиција вклучувајќи ја тука и македонската и другата со одбир на фламенко композиции.

Во пресрет на овој перформанс Нешковски вели дека за првиот дел, условно насловен како „Имитации и атракции“, одбрал три руски фолклорни напеви, по една ирска и една арапска тема и едно македонско оро, инаку композиција на професорот и прочуен југословенски гитарист Јован Јовичиќ. Во вториот дел истакнува дека посега по чисто антологиско фламенко. Притоа појаснува дека фламенко гитарата во превод значи „пламена гитара“. Дека таа има 20-тина основни форми, а тој истражувајќи през годиниве стасал некаде до шеесетина „оти секое андалузиско село си има свој ритам“.

„Фламенко музиката е многу емотивна. Секоја композиција е како приказна. Раскажува случка од животот. Одбрав да свирам „солеа“ која во себе содржи тага, нежност и море од емоции. Свирам и „севиљанас“ , па „булериа“ која исто така е весела и со треперливи тонови полни со допадливост. Инаку „булериа“ е многу тешка форма. Славниот Пако де Лусија изјавил: Ако научиш да свириш булериа, тогаш 75 отсто си ја совладал фламенко гитарата. Таа бара силна техничка подготвеност и прецизност и ритамот е многу комплициран. Сите тие се на 12 такта. Ние имаме многу непарни ритми, тие имаат парни ама многу синкопи има. Цел живот тоа го изучувам и сега ќе го свирам на концертот“, вели гитаристот.

Инаку, од друга страна Томислав забележува дека ние овде на Балканот сме плеплавени од шунд, но дека во нашиот случај, во Македонија, тоа и не е најстрашното оти нему приматот му го зеде политиката.

Инаку, поводот за концертот на Нешковски е многу прозаичен. Пред година и половина имал сообраќајна несреќа и морал долго да мирува. За тоа време учел нови композиции. Вели дека тоа нема крај. Дека уметноста никогаш не можеш да ја усовршиш. Потенцира дека на фламенко гитарата најмногу и дале тројца гитаристи – Нино Рикардо како најстар, Сабикас и Пако де Лусија. До нив го става и Манитас да Плата, „татко“ на ЏИПСИ КИНГС кој починал во Мексико, не многу по Де Лусија, и тоа на 93-годишна возраст.

За мене гитарата е многу атрактивна. Популарна. Друштвена како инструмент. Чувствителна. Револуционерна. „Шарена“. Еве после толку години дојдов до почист тон. Човек цел живот да ја учи не може да ја научи. Јас ја свирам гитарата, ама тоа не е комерцијала. Тоа е класична фламенко гитара. И тоа многу тешко може да се слушне овде кај нас. За разлика од Белград, Софија, по Европа. Ако се сите уметности планина, тогаш нејзиниот врв е музиката. Музиката е најчиста. Зошто е најчиста? Па, не се гледа, не се допира. Сите уметности се добри. Само со нив човек се чувствува возвишено. Јас целиот свој живот држам само гитара и четка во рацете. Ништо друго. Четката нема да ми избега, но гитарата со време, еве сега полнам 63 години, може ќе престане да ме слуша, иако мнозина кажале дека фламенко гитарата најдобро се свири некаде во седмата деценија од животот“, вели тој.

Кон ова само уште како потсетување дека уметникот Томислав Нешковски, кој патем е добитник на две Ноемвриски награди во родното Куманово, својата последна сликарска изложба ја имал во 2014 година во Ла Валета, на Малта. Таму се претставил со 50 слики и гитаристички рецитал на отворањето на изложбата, а по актуелниот настап пред својата публика планира да направи мини серија на концерти по Македонија која условно би започнала од Салон 19.19 во КИЦ во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG