Достапни линкови

Јилдирим: Итно почнува воведување на претседателски систем во Турција


Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави денеска дека итно ќе почне работата за воведување претседателски систем во Турција.

Тој нагласи дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ги извршува своите должности како шеф на државата, отфрлувајќи ги со тоа тврдењата дека тој се меша во работата на владата.

Ердоган, кој денеска го одобри составот на новата влада, утре ќе претседава со првата владина седница, изјавија претходно извори од неговиот кабинет.

Јилдирим во првото обраќање пред Парламентот, по објавувањето на новиот состав на владата истакна дека сегашниот Устав е далеку од вистинските потреби на земјата и додаде дека итно почнуваат работите за негова измена.

„Уставот треба да го зема предвид фактот дека сега шефот на државата се бира директно од народот“, додаде Јилдирим.

Тој изјави дека операциите против бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) во југоисточна Турција, која е населена претежно со Курди ќе продолжат се додека не се стопираат нејзините напади.

„Ме прашувате кога ќе заврши таа операција, која почна во јули 2015 година. Одговорот е едноставен и јасен, кога целосно ќе се стопираат крвавите напади врз нашиот народ од страна на сепаратистичката терористичка организација. Кога тие целосно ќе се откажат од оружјето и кога заштита на граѓаните ќе биде целосно обезбедена“, додаде Јилдирим.

XS
SM
MD
LG