Достапни линкови

Шарената револуција ја стави власта зад решетки


Обележје на денешните протести е импровизираниот кафез во кој се сместени кукли со ликови на екс министрите Јанкулоска и Јанакиески и на шефот на Кабинет на Груевски, Протуѓер.

Зад решетки завршија кукли со ликовите на истакнати поранешни и сегашни функционери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Демонстрантите ги ставија куклите-функционери со лисици на рацете во импровизирани кафези. Со нив пристигнаа пред Владата.

Шарената револуција повторно ја зафати зградата на Владата. Демонстрантите со огромниот чатал гаѓаа кон владината зграда со балони полни со боја. Штотуку исчистената фасада од претходните боења, повторно беше обоена во разни бои.

Боја имаше и за Собранието. Но овој пат мета за демонстрантите беа прозорите од каде што припадници на безбедносните сили го снимаа протестот. За разлика од изминатите неколку пати демонстрантите кои што гаѓаа кон Собранието овој пат не го криеа својот лик.

Пред законодавниот дом се обратија и некои од демонстрантите.

Замир Мехмети му порача на министерот за внатрешни работи дека не му се плашат, иако знаат дека МВР ги снима.

„Господине Чавков, ако ти не имаш нас на слики, ние да ти кажеме дека ја имаме информацијата, дека токму ти ја организираше акцијата во Куманово, стрелањето на сите луѓе таму, прашање на време е кога ќе треба да се соочиш, со луѓето, со народот на кој се повикувате, а го потценувате цело ова време “, рече Мехмети.

Митко Митев претставник на влашката заедница во Македонија порача дека криминалнците во политиката треба да завршат во затвор.

„Како што нашите предци со овој стап оделе по планините, така со стап ќе си одат и овие бандити, овие лопови, за нив само затвор.“

А Бојан Маричиќ од МЦЕО ги повтори барањата на демонстрантите за целосно повлекување на аболицијата, оставка на Владата, ослободување на демонстрантите, вклучување на граѓанскиот сектор во решавањето на кризата, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО.

Под мотото „Не за криминалот - Не за аболицијата“ протестираа неколку илјади демонстранти кои повеќе од еден месец речиси секојдневно се на улиците на Скопје. Пораката испишана на голем транспарен на влашки и на македонски ја предводеше поворката која протестираше низ центарот на Скопје против, како што велат погубните политика на власта. Денеска е Национален ден на Власите, па затоа пораката беше испишана и на влашки.

Вообичаено граѓаните првин се собраа пред просториите на Специјалното јавно обвинителство за да изразат поддршка на оваа институција, а потоа се упатија кон Владата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG