Достапни линкови

Астерфест 2016 со порака „Мали приказни – голем ум“


Германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер

Германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер

„Мали приказни – голем ум“ е мотото на 12-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, што од 27 до 31 мај, во организација на Тивериополската филмска алијанса, ќе се одржи во Струмица. Ќе бидат прикажани 21 кратки играни, документарни и анимирани филмови во главната конкуренција, 12 во ревијалната програма, како и четири долгометражни дела, а годинешни лауреати се словенечкиот актер Борис Каваца и германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер.

„Пелтек“ на Бенџамин Клири, „Должност“ на Ангел Манзано, „Никулец“ на Барни Фрајдман, „Син“ на Филип Сотниченко, „Соседот од горниот кат“ на Поја Бадкобех, „Сипаници“ на Фулвио Рисулео, „Кавалче“ на Панајотис Краварис, „Погребален тим 12“ на Дејвид Дарг, „Низ прозорското окно“ на Девн Вестлејк, „Милји да поминам пред да заспијам“ на Хана Ховит, „Корените на злото“ на Желимир Гвардиол, „Осветлена темнина“ на Арсим Фазлија, „Опсег на можности“ на Кристина Пичи, „Циркус Дебре Беран“ на Лукас Бергер, „Приказна на мечето“ на Габриел Осорио Варгас, „Човекот што не сакаше да умре“ на Гоце Цветановски, „Кружното патување на Марето“ на Жарко Иванов, „Цртежи на карпи“ на Енрико Диего, „Маѓепсаниот Гучо“ на Дарија Копиец, „Будалиот Џек“ на Алексеј Черногоров и „Патување пеш“ на Крис Кембе се кратките играни, документарни и анимирани филмови што ја чинат главната натпреварувачка програма на 12-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, што од 27 до 31 мај, ќе се одржи во Струмица.

Успеав да постигнам селекција која ќе биде избалансирана во однос на тоа што сите филмови раскажуваат со различни поетики меѓутоа сметам дека на крајот го достигнуваат она што беше моја цел и цел на Фестивалот. Преку неколкуминутни стории да дадат голем ум според мотото на годинешниов „Астерфест“ - „Мали приказни – голем ум“.

Овие филмски остварувања се во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена потковица, за Старозлатниот проектор, како и за наградите „Ѓорги Абаџиев“ и „Ацо Алексов“, а беа селектирани од филмологот Атанас Чупоски. Говорејќи за својот одбир, Чупоски вели дека при годинашнава селекција за „Астерфест“ се водел од неколку принципи – прво филмовите да одговараат на пропозициите што ги задава самиот фестивал, а потем да бидат заокружени наративните линии, односно да раскажуваат одредена приказна. Дополнува дека не било важно само што раскажуваат, туку и начинот како раскажуваат. Да говорат со филмски јазик.

„Од таму мислам дека и во сите три селекции, во селекцијата на документарна програма – Ѕвездени документи, во селекцијата на анимирана програма - Анимоушн и во селекцијата на кратки играни филмови со наслов Глобална фикција, успеав да постигнам селекција која ќе биде избалансирана во однос на тоа што сите филмови раскажуваат со различни поетики меѓутоа сметам дека на крајот го достигнуваат она што беше моја цел и цел на Фестивалот. Преку неколкуминутни стории да дадат голем ум според мотото на годинешниов „Астерфест“ - „Мали приказни – голем ум“, вели Чупоски.

Тој појаснува дека во „Ѕвездени документи“ темите варираат од испитувањето на доброто и злото, животот и смртта, па се до славењето на животот, дека во „Анимоушн“ има различни поетики – карикатурална, куклена анимација, анимации врз претходно снимен материјал, во случајов врз карпи, се до селекцијата на кратките играни филмови каде што темите варираат од комедии до трагични состојби и сè со цел малите приказни да кажат големи вистини.

Од друга страна, во Ревијалната ретроспективна програма ќе бидат прикажани неколку навистина интересни филмови од домашните автори. Љубителите на оваа уметност ќе имаат можност да ги видат „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Сам“ на Тања Симоновска, „Последните чекори“ на професорот Стефан Сидовски, „Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ, „Карма“ на Владимир Митревски и „Шшшт...запеј ми!“ на Андреј Волкашин.

Со нагласено љубопитство се очекува и селекцијата „Мувиленд“ или „Една земја – една кинематографија“, одбир зад кој цели 11 години стои новинарот и филмски критичар Влатко Галевски. Годинава фокусот е врз израелскиот краток филм, а ќе бидат претставени филмовите „Нешто многу мало“, „Мили боже“, „Ниоша“, „Јалова“ и „Цреши“.

„По правило се работи секоја година за млади автори, за свежи филмови од краток формат и мислам дека овојпат со изборот на израелски краток филм имаме полн погодок. Особено што во традицијата на израелскиот игран филм и документарен долгометражен филм стои една сериозна и голема и значајна кинематографија“, вели тој.

Галевски во оваа пригода ќе има и една убава должност – во манастирот Вељуса да го претстави еден од двајцата годинешни лауреати – словенечкиот актер и автор Борис Каваца.

И, кога сме веќе кај него да кажеме дека Каваца досега во својата плодна кариера има голем број филмски улоги во дела како „Маки по Матеј“, „Бели треви“, „Пиран-Пирано“, „Браќа по мајка“, „Херцог“, „Црвениот буги“ и не помалку на телевизијата и во театарот. Бил професор по актерска игра и игра пред камера. Избран е и за амбасадор на УНИЦЕФ.

Вториот лауреат на „Астерфест 2016“ германскиот сценарист, продуцент и режисер Вајт Хелмер важи за еден од најнаградуваните современи европски филмски творци. Неговиот прв игран филм „Тувалу“, со Денис Лавант во главната улога, беше учесник на 62 фестивали, меѓу кои оние во Сан Себастијан, Лондон, Чикаго, Берлин и Карлови Вари.

Инаку, во чест на лауреатите ќе бидат прикажани филмовите „Тандара - Мандара“, долгометражен филм за деца, и „Тувалу“, двата во режија на Вајт Хелмер, како и „Нахрани ме со зборови“ во режија на Мартин Турк, со Каваца во главната улога.

Згора на тоа, на годинешното издание на „Астерфест“ публиката ќе има можност да го види и филмот „Жед“ на нашиот Димитрие Османли,во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија.

Исто така, во рамките на Фестивалот, ќе биде одржана и мала работилница со Матеј и Русомир Богдановски на тема „Стрипот и филмот“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG