Достапни линкови

Баер понуди 62 милијарди долари за преземање на Монсанто


Германскиот фармацевтски гигант Баер објави дека понудил 62 милијарди долари за да ја купи американската агрохемиска компанија Монсанто. Доколку договорот се реализира ќе биде создаден најголемиот производител на пестициди и семиња во светот, пренесува ДПА.

Цената на секоја од акциите за преземање на Монсанто изнесува по 122 долари.

Германската компанија минатата недела потврди дека има намера да го купи Монсанто, предизвикувајќи во јавноста големо внимание и бројни шпекулации за договорот.

Деновиве акциите на Баер паднаа за 3.6 отсто, на најниско ниво во изминатите две и пол години.

Дојче веле пишува дека според многу анкети во светот, Монсанто е најнепопуларна компанија на планетата и оти постојано се наоѓа под обвиненија дека користи комбинација на пестициди и генетски модифицирани семиња за одгледување на земјоделски култури кои се штетни за човековото здравје, и дека многумина во Германија се загрижени дека лошиот имиџ на Монсанто може негативно да влијае и на Баер.

Германскиот сервис наведува дека концернот е озлогласен и заради својата агресивна бизнис политика. Во 2013 година граѓани во 52 земји учествуваа во светски протестен марш против Монсанто, а во Европа одамна не престануваат преотсетите против концернот.

И за време на изминатиов викенд во повеќе од 400 градови се одржаа глобални протестни маршеви против Монсанто.

XS
SM
MD
LG