Достапни линкови

Референдум за зајакнување на моќта на претседателот на Таџикистан


Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон

Таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон

Таџикистан одржува референдум за амандмани на Уставот кои треба да ја зајакнат моќта на претседателот Емомали Рахмон. Предложени се 41 амандмани, а гласачите имаат избор да гласаат за или против целиот пакет, но не и посебно за амандманите. Централната изборна комисија соопшти дека цензусот од 50 отсто е исполнет и оти на гласање излегле 67 отсто од избирачите.

Најважните измени вклучуваат укинување на ограничувањето на бројот на мандати на претседателот, намалување на возрасната граница за претседател и забрана за формирање политички партии врз основа на религија.

Укинувањето на ограничување на бројот на мандатите ќе се однесува само на Рахмон, што се должи на неговата титула „Лидер на нацијата“, која му ја додели парламентот минатата година, со која тој и неговото семејство имаат доживотен имунитет од кривично гонење.

Рахмон владее со Таџикистан речиси четврт век. Критичарите велат дека во тоа време не се почитуваат верските слободи, граѓанското општество и плурализмот.

Со референдумот исто така се намалува возрасната граница за претседател, од 35 на 30 години, со што се отвора можност, 29-годишниот син на Рахмон, Рустем Емомали, да го наследи таткото на претседателската позиција.

XS
SM
MD
LG