Достапни линкови

logo-print

Г7 ќе ја заострува контролата против финансирањето тероризам


Групата Г7 најави дека ќе ги затегне финансиите за терористичките мрежи преку зголемување на размената на разузнавачки податоци, замрзнувањето имот и заострување на регулативите за меѓународен трансфер на пари. Состанокот се одржува во јапонското одморалиште Акиу.

„Борбата со насилниот екстремизам и изведувањето на извршителите пред лицето на правдата остануваат главни приоритети на целата меѓународна заедница“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите за финансии од седумте најголеми светски економии.

Министрите исто така се согласиле на акционен план за блокирање на финансиите што ги користи Исламската држава за планирање, патување и извршување терористички напади. Планот треба да биде одобрен од лидерите на Г7, кои треба да се сретнат наредната недела во Јапонија.

Францускиот министер за финансии Мишел Сапин изјави дека Г7 сега е во „оперативна фаза“ во борбата против финансирањето терористички групи. Тој рече дека размената на разузнавачки податоци меѓу различните држави е важно за спречувањето на големи движења на пари од организации како Исламската држава.

Министрите за финансии од групата Г20 во февруари соопштија дека е потребно уште многу работа да се решат „пропустите и недостатоците“ во глобалниот финансиски систем за борба против тероризмот.

Во Г7 членуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД. Русија беше исклучена по анексијата на Крим од Украина.

XS
SM
MD
LG