Достапни линкови

Хајндл во Тетово на средби со Ахмети и Тачи


Јоханес Хајндл

Јоханес Хајндл

Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска во Тетово треба да има средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. Хајндл вчера се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. На средбите се разговарало за политичката криза во Македонија и можностите за нејзино надминување. Хајндл по вчерашните средби не даде изјава за медиумите, но во меѓувреме се огласи германското Министерство за надворешни работи. „Ја поздравуваме одлуката на македонскиот Парламент за повторно одложување на парламентарните избори кои беа закажани на 5 јуни. Ова ќе им даде шанса на партиите да го поправат загрижувачкиот развој на настаните во изминатите месеци и да ја вратат земјата назад на европскиот пат. Одложувањето на изборите мора да биде придружено со кредибилен реформски процес. Партиите имаат одговорност да ги спроведат неопходните услови и да обезбедат дека изборите ќе бидат според меѓународните стандарди, се наведува во соопштението од германското МНР. Берлин, исто така, порачува дека е важно итно да се повлече одлуката за амнестија на голем број политичари донесена во април.

Со заедничко соопштение за состојбата во Македонија синоќа излегоа и тројцата европарламентарци Ричард Ховид, Иво Вајгл и Едвард Кукан кои заедно со еврокомесарот Хан посредуваа во постигнувањето на договорот од Пржино. Тројката европратеници изразува загриженост поради неуспехот на четирите главни политички партии во Македонија да постигнат заеднички договор за надминување на политичката криза, која, како што наведуваат, се заканува да доведе до целосно пропаѓање на договорот од Пржино. Тие наведуваат и дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари и нивни соработници претставува кршење на договорот од Пржино и е спротивна на принципот на владеење на правото и градење функционална демократија. Ховит, Вајгл и Кукан истакнуваат и дека мора да му се даде недвосмислена поддршка на Специјалното обвинителство како главен сегмент на договорот од Пржино.

XS
SM
MD
LG