Достапни линкови

logo-print

НАТО „одврати и разговарај“ со Русија


Шефовите на дипломатиите на НАТО го финализираа најголемото воено засилување на Алијансата од Студената војна за справување со се поагресивната и понепредвидлива Русија. Дводневниот состанок во Брисел всушност претставува подготовка на самитот на Алијансата што во јули ќе се одржи во Полска.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека на 8 и 9 јули во Варшава лидерите на Алијансата и формално треба да ги одобрат разместувањата на дополнителни воени единици во источно европските земји членки како дел од стратегијата „одврати и разговарај“.

Разместувањата се своевидна гаранција за овие земји дека нема да бидат оставени на цедило доколку Русија ги повтори упадите како окупацијата и анексијата на Крим и руската воена поддршка за сепаратистите во источна Украина.

Столтенберг изјави дека министрите разговарале за тоа како Алијансата може да направи повеќе за да ја „проектира стабилноста и да балансира меѓу одбраната и дијалогот“.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека НАТО гради „робустна“ одбранбена позиција на нејзиното источно крило.

Мислам дека треба да разговараме со Русија. Според мене, важно е да имаме цврст став и директно да и кажеме на Русија дека треба да се откаже од Украина.

Тој побара од земјите членки на НАТО да ги исполнат нивните ветувања за зголемување на трошоците за одбрана. Кери исто така рече дека НАТО е отворен за политички дијалог со Русија.

И другите министри на состанокот во Брисел се изјаснија за разговори со Москва но врз цврсти позиции.

„Мислам дека треба да разговараме со Русија. Според мене, важно е да имаме цврст став и директно да и кажеме на Русија дека треба да се откаже од Украина“, изјави данскиот министер за надворешни работи Кристијан Јенсен.

На ист став се и шефовите на дипломатиите на Германија и Франција Франк-Валтер Штајнмаер и Жан Марк Аро кои рекоа дека се залагаат за нова рунда разговори меѓу амбасадорите на НАТО и нивниот руски колега пред следниот самит на Алијансата во Полска.

Нејасно е дали Русија ќе ја прифати таквата идеја, особено откако по неупешниот состанок меѓу амбасадорите на НАТО и Русија во минатиот месец Москва соопшти дека следната рунда мора да биде со „вистинска агенда“.

НАТО постојано инсистира на тоа дека продолжувањето на разговорите со Русија не значи и дека е враќање на „бизнисот како и обично“ со Москва.

Во четвртокот НАТО потпиша договор со Црна Гора, што е прв чекор таа земја да стане 29 членка на НАТО.

Најмалата од поранешните југословенски републики, која ги отвори пристапните преговори со Европската унија во 2011 година, во минатиот декември беше поканета да му се приклучи на НАТО. Столтенберг изјави дека оваа одлука не е насочена против Русија.

Официјална Москва се противи на какво било проширување на НАТО во поранешните комунистички делови на источна и југоисточна Европа.

Во меѓувреме, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес одобри нов буџет за одбраната во вредност од над 600 милијарди долари.

Со него е предвидени дополнителни средства за воено разместување во Европа со цел да се помогне во смирувањето на се поневорзните НАТО членки во источна Европа.

Легислативата мора да биде одобрена и од Сенатот пред да оди на потпишување кај претседателот Барак Обама.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG