Достапни линкови

logo-print

Бинали Јилдирим кандидат за нов премиер на Турција


Централниот управен совет на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) денеска донесе одлука да го предложи актуелниот министер за транспорт Бинали Јилдирим за единствен кандидат за нов партиски лидер, кој потоа ќе ја преземе и должноста премиер на Турција, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Се очекува Јилдирим, кој важи за близок човек на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, официјално да биде избран за нов лидер на АКП на партискиот Конгрес закажан за в недела.

По Конгресот на АКП, се очекува веќе в понеделник Ердоган на Јилдирим да му го довери мандатот за формирање нова Влада, во која според некои турски медиуми, моќниот ресор за економија би можел да го преземе актуелниот министер за енергетика и зет на шефот на државата, Берат Албајрак.

Јилдирим на должноста лидер во АКП и на местото премиер треба да го наследи Ахмет Давутоглу, кој на почетокот на овој месец поднесе оставка на двете функции, поради несогласувања со претседателот Ердоган.

XS
SM
MD
LG