Достапни линкови

Трет Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“


Во деновите од претстојниот викенд во Гостивар ќе се одржи третото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, манифестацијата за која се вели дека ќе донесе „песни со суптилна тематска архитектоника и со разнородна, но високо мотивирана стилска изведба на 14-те поети - финалисти“.

Исток Улчар, Митко Гогов, Наташа Василевска Трајчевска, Митре Мангоски Радождански, Невриј Адеми, Надица Тренчева, Слаѓана Ставрева, Константин Карев, Ивана Китаноска, Валентина Трајкоска и Маријана Давиткова од Република Македонија, како и Вања Савова, Катја Вангелова и Пламен Димитров Парнарев од соседна Бугарија, се 14-те поети финалисти, одбрани од 125 пријавени од земјите во регионов, кои ќе се претстават на третото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“.

Нашиот фестивал се роди токму како предизвик на таквото будење. Кога ние како екипа од поети и екипата од Центарот за култура сфативме дека вкусот на публиката се изострува и дека публиката веќе е зрела и подготвена за една манифестација преку која што ќе се слави поезијата. И морам да ви кажам дека не згрешивме во таа проценка.

Манифестацијата која го чествува делото на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, е предвидено да се одржи во деновите од претстојниот викенд во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар.

Поетесата Љупка Антеска, која заедно со Луан Зенки, директор на Центар за култура АСНОМ и со координаторката Слаѓана Брезовска, се јавуваат како организатори на Фестивалот, во пресрет на случувањето вели дека Гостивар во последниве неколку години кога е културата во прашање доживува будење. Будење, како што вели, кое оди полека, но со сигурни чекори. Дополнува дека порано на прстите од една рака можеле да се избројат културните манифестации за цела една година, но дека сега понудата почнува да се збогатува со повеќе театарски претстави, поетски читања, концерти и со ликовни изложби.

„Нашиот фестивал се роди токму како предизвик на таквото будење. Кога ние како екипа од поети и екипата од Центарот за култура сфативме дека вкусот на публиката се изострува и дека публиката веќе е зрела и подготвена за една манифестација преку која што ќе се слави поезијата. И морам да ви кажам дека не згрешивме во таа проценка“, вели таа.

Потсетувајќи се на почетоците на манифестацијата, Антеска истакнува дека првото издание било експериментално. Дека се обиделе да оживотворат една идеја за која првично и не знаеле како ќе биде прифатена. Дали публиката ќе има сенс за такво нешто, за да потем од лани се решат да се втурнат во поголема авантура. Да донесат добри поетски имиња кои ќе застанат пред публиката во Гостивар и гостиварци да видат нешто што досега немале прилика да го видат затоа што ваквиот тип на поетски манифестации се сеуште во зародиш во овој дел од Македонија.

„Ова е една од првите посериозни манифестации што се организира во градот, веројатно после две-три децении. Она што не радува и на што сме особено горди е што младите во Гостивар и како публика, меѓутоа и како учесници, се многу заинтересирани да го погледнат и со особено внимание да го проследат тоа што им се презентира. Да уживаат во поезијата“, вели таа.

Од друга страна, организаторите се горди и на исклучителниот интерес за учество на објавениот конкурс. Ги радува бројката од 125 пријавени поети од земјава и од регионов, од кои покрај финалистите творбите на добар дел од нив ќе бидат застапени и во второто издание на заедничкиот алманах на „Литературни искри“.

„Сакавме да има еден опиплив доказ, една книга која ќе остане. Изборот го направи жирито чиј претседател е поетот, критичар и есеист Бранко Цветковски. Според бодувањето, некаде 80-тина автори од вкупно пријавените се застапени во заедничката збирка која ќе биде промовирана и делена на самата манифестација“, истакнува Антеска, инаку авторка на две книги поезија - „Денодение“ (2013) и „Лек за времето“ (2015), обете изданија на Центарот за култура АСНОМ од Гостивар.

Конечно, „Литературни искри“ свечено ќе бидат отворени во сабота, на 21 мај, во 19 часот, а доделувањето на наградите ќе биде наредниот ден напладне. На манифестацијата, поетите говорејќи ги своите стихови, ќе се натпреваруваат за неколку награди – Гран при, прва, втора и трета награда, како и Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада искра.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG