Достапни линкови

Поништувањето на аболицијата во правно политички замки


Архивска фотографија

Архивска фотографија

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предлагаат на претседателот да му се даде можност да ги укине аболициите, додека СДСМ бара со автентично толкување на законот, политичките помилувања да бидат прогласени за неважечки.

Пратениците од власта и опозицијата преку две различни иницијативи поднесени до собранието се обидуваат да ја изменат одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов за аболиција на 56 лица, политичари и нивни соработници. Едната иницијатива е поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а другата од СДСМ.

Иницијативата што ја поднесовме се измени и дополнувања на законот за помилувања со која се предвидува можноста Иванов да ја повлече одлуката по сопствена иницијатива или по барање на засегнатите лица.

Талат Џафери од ДУИ, кој заедно со Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, се подносители на измените вели дека иницијативата на владејачката коалиција е единствениот излезен пат за надминување на кризата која ја предизвика одлуката на Иванов поради која дојде до жестоки реакции од дома и надвор.

„Иницијативата што ја поднесовме се измени и дополнувања на законот за помилувања со која се предвидува можноста Иванов да ја повлече одлуката по сопствена иницијатива или по барање на засегнатите лица, имајќи предвид дека претходно немало таква законска можност и во тој контекст се дава можност да има законска основа за повлекување на истата“, вели Џафери.

Давање на законска можност за поништување на аболиција може да се применува за понатамошни такви одлуки на претседателот, а важењето ретроактивно е противзаконски и противуставно, тврди портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, кој вели и дека постоела опасност во иднина некој тоа да го оспори пред Уставниот суд, па повлекувањето на одлуките за помилување да се прогласат за неважечки. Опозициската партија исто така поднесе иницијатива за автентично толкување на законот за помилување, конкретно на членот единаесет.

„Бараме она што е правно најодржливо кога е во прашање криминалната аболиција на Иванов, а тоа е дека членот 11 во законот за помилувања веќе не постои е укинат со измените од 2009 година и решенијата донесени од страна на Ѓорге Иванов во минатиот месец всушност мора да се поништат бидејќи истите немаат законски основ за нивно донесување“, вели Шилегов.

Не се толку важни правните толкувања, туку политичката волја навистина да се повлече аболицијата, оценува Башким Бакиу, политиколог од Институтот за истражување политики и добро владеење.

„Де факто самиот систем им дава преголема моќ на политичките партии, често пати тие и ја злоупотребуваат. Сега од нив зависи оваа разрешница. Тие ќе се оправдуваат, ќе се повикуваат на правна разрешница, на постоење или не постоење на таква можност, но сепак реално нема политичка волја, нема волја кај политичките партии кој што во периодов се дури и над системот“, вели Бакиу.

Од 12 април, кога Иванов ја донесе одлуката за аболиција, не запреа ниту домашните ниту странските реакции, а континуирано се одржуваат и протести низ повеќе градови. Од помилувани лица најголем дел се од ВМРО-ДПМНЕ или луѓе кои се поврзуваат со функционери од партијата. До кабинетот на Иванов дванаесет лица побараа повлекување на одлуката за аболиција меѓу кои се и Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Трајко Вељаноски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG